Бизнис вести

Македонија ќе биде земја партнер на Меѓународниот саем „АГРА 2018“ во Словенија

На штанд од 140 квадратни метри на централно место на Саемот нашава држава ќе ги промовира своите традиционални производи како што се овчото сирење, јагнето, ајварот, лутеницата, но и органската храна и виното

вторник, 10 јули 2018

Македонија годинава ќе биде земја партнер на претстојниот Меѓународен саем „АГРА 2018“ во Горна Радгона, Словенија што ќе се одржи од 20 до 30 август.

На штанд од 140 квадратни метри на централно место на Саемот нашава држава ќе ги промовира своите традиционални производи како што се овчото сирење, јагнето, ајварот, лутеницата, но и органската храна и виното.

А, како што рече денеска на прес конференција министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, во фокусот на македонската промоција ќе бидат и туризмот и можностите за инвестирање.

„За успешна промоција на Македонија се вклучени сите институционални капацитети, а поддршка добивме и од премиерот. Средствата за штандот што ќе биде поставен во централниот дел се обезбедени од буџетот на Министерството“, рече Николовски.

Словенечкиот амбасадор Милан Јазбец е многу задоволен што Македонија годинава е партнер на АГРА.
„Македонија ќе биде главна држава на саемот. Ова е уште една потврда за нашата длабока соработка и пријателството што трае повеќе од сто години. Се сеќавам на зборовите од мојот учител во шесто одделение кој рече: Македонија е како Калифорнија, четири пати во годината може да бере домати“, рече Јазбец.

Проектниот менаџер на Помурски саем, Борис Ерјавец појасни дека годинава акцент ќе биде ставен на младите фармери, нивното вклучување во агро бизнисот, иновациите, дигитализацијата, паметните ИТ решенија, современата механизација и одржливоста на производството. Меѓу клучните теми ќе биде и пчеларството. Предвидени се и изложби на добиток, конференции, предавања и тркалезни маси.

На „АГРА 2018“, на површина од 71.300 квадратни метри ќе учествуваат преку 1.800 изложувачи од 36 држави. Саемот традиционално го отвора претседателот на Словенија во присуство на министри и министерски делегации од земјите од Централна и Источна Европа, како и од Европската унија. Се проценува дека „АГРА 2018“ ќе привлече околу 120.000 посетители.
 

Содржината е прочитана 80 пати.