Инфо

Општините добиваат вкупно 4,5 милиони евра за 98 проекти за развој на руралните средини

Средствата од државниот буџет ќе бидат вложени во проекти што ги предложија самите општини и планските региони врз основа на нивните приоритети. Главно, станува збор за инфраструктурни проекти или за проектна документација за поголеми проекти

вторник, 10 јули 2018

Во Владата вчера беа потпишани договори меѓу општините и Бирото за регионален развој со кои општините добиваат 280 милиони денари, односно, 4,5 милиони евра од државниот буџет за имплементација на 98 нови проекти за развој на планските региони, на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби. Корисници на средствата и реализатори на проектите се општините и центрите за развој на планските региони.

„Владата за 2018 година за 50 отсто ги зголеми средствата за рамномерен регионален развој и оваа година 4,5 милиони евра ќе бидат вложени во проекти што ги предложија општините и планските региони врз основа на нивните приоритети. Главно, станува збор за инфраструктурни проекти или проектна документација за поголеми проекти, со цел да можат да се обезбедат дополнителни средства и од донаторски извори, или од ИПА Програмата на ЕУ“, рече министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, потенцирајќи дека од носителите на политиката на регионално ниво очекува транспарентен, иновативен и инклузивен процес на идентификација на приоритетните проекти преку редовни консултации со граѓаните и со бизнис заедницата.

Од вкупните средства, за проекти за развој на планските региони се издвоени 196 милиони денари. Најмногу пари има за најмалку развиениот, Североисточниот, а најмалку за Скопскиот плански регион. Проектите за развој на подрачјата со специфични развојни потреби се финансирани со 56 милиони денари, а проектите за развој на селата со 28 милиони денари.
 

Содржината е прочитана 50 пати.