Инфо

Во мај издадени 222 одобренија за градење

Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 3.529.344.000 денари, што е за 4,2 проценти помалку во однос на мај минатата година

понеделник, 09 јули 2018

Во мај годинава се издадени 222 одобренија за градење, што е за 7,9 проценти помалку во однос на мај лани. Во извештајниот период е предвидена изградба на 477 станови, со вкупна корисна површина од 38.951 квадратни метри, објави денеска Државниот завод за статистика.

Најмногу одобренија се издадени во Скопскиот регион, 40, каде предничат општините Центар, Бутел и Шуто Оризари, со по девет дозволи. Следи Југозападниот регион со 39 одобренија, од кои 20 се во Кичево. И во Струмица се издадени 20 одобренија за градење, кои се дел од 36-те издадени за цел Југосточен регион. Најмалку дозволи за градење, четири, има во Североисточниот регион.

Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 3.529.344.000 денари, што е за 4,2 проценти помалку во однос на мај минатата година.

Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 116 (52,2 проценти) се наменети за објекти од високоградба, 41 одобрение (18,5 проценти) од нискоградба и 65 (29,3 проценти) за објекти за реконструкција.
Кај 116 објекти (52,3 проценти) како инвеститори се јавуваат физички лица, а кај 106 (47,7 проценти) инвеститори се деловни субјекти.

 

Содржината е прочитана 64 пати.