Интервјуа

Сапунот од козјо млеко „Стојневи“ – негува и лекува

Интервју со Марјан Стојнев, сопственик на компанија „Стојневи“, во чиј семеен погон се прави природниот сапун од козјо млеко. Со него разговаравме за мајсторијата на правење на овој сапун, за тоа што всушност содржи производот, што претставува и какви дерматолошки проблеми решава. За тоа говори Стојнев во краткото видео

понеделник, 09 јули 2018

МАРИЛИ: Неодамна гостувавте на Меѓународниот саем „Денови на црешата“ што се одржа во Мостар, каде се претставивте со Вашиот производ од органско потекло, со сапунот од козјо млеко „Стојневи“. Како влеговте на оваа манифестација и кои се Вашите впечатоци од истата? Но, сапунот го претставивте и на македонскиот натпревар „Филантропија преку зелени идеи“ каде бевте посебно забележан? 
СТОЈНЕВ:
Оваа година во Мостар се одржа 16. Меѓународен саем на производство, земјоделство, прехрана и туризам ,,Денови на црешата 2018”, каде што бев поканет да го презентирам и мојот производ, сапунот од козјо млеко ,,Стојневи”. Овој саем нуди можност секој учесник да го презентира својот производ и отвора можност за негов поширок пласман, а моето прифаќање за учество е врзано и со целта да го запознаам балканскиот пазар со квалитетот на производот што го нудам и секако не се откажувам од заложбата за негово промовирање и афирмирање на просторов. Па затоа, мора од некаде да се почне, а јас почнав токму во Мостар. Иако овој саем е мал, сепак, ми овозможи да остварам голем број контакти и да понудам навистина квалитетен, еколошки, природен и лековит сапун од козјо млеко, рачно произведен кај нас. За ефектите и бенефитите од сапунот се надевам дека ќе се зборува набрзо. Идејата ми е и натаму да ги изложувам своите произоди на саемите низ Балканот и да ги заинтересирам луѓето вниманието да го насочат кон природните производи и благодетта што ја носат со нив.
На натпреварот „Филантропија за зелени идеи“ се бираа македонски претставници за регионалниот натпревар за зелени бизнис идеи кои се помагаат со по 10.000 долари со што се поттикнува произвидството и употребата на производи од органско потекло. 

МАРИЛИ: Колку долго се занимавате со производство на сапун од козјо млеко?
СТОЈНЕВ:
Нашето семејство Стојневи веќе долги години се занимава со производство на органска храна, но со наше автохтоно семе, па нашата трпеза се состои од здрава и органски одгледувана храна како, гравче, лукче, кромитче... Во нашето „царство“ на зелените површини во Петровец чуваме кози. Идејата тргна токму од зелениот двор и козата и како да создадеме природен и лековит сапун кој ќе биде и за нега на кожата на целото тело и да делува лековито наспроти хемиски создадените сапуни кои многу често ја иритираат и дразнат кожата. Така почнав да барам иновативни решенија како сами да создадеме свој сопствен мал погон, почнувајќи од осмислување на калапите, ножињата за сечење и секако - мајсторијата на создавање на сапунот од козјото млеко, чија тајна ја носи мојата мајка.

МАРИЛИ: Како се добива овој производ и што друго има во неговиот состав освен козјо млеко? 
СТОЈНЕВ:
Сапунот се создава низ ладен процес, со што сите лековити и корисни состојки од свежото козјо млеко остануваат во него, и од ладно цедени органски масла за јадење. Потоа следи нашата мала тајна во додавање есенцијални капки масло од други лековити тревки, кои дополнително ја збогатуваат благодетта и лековитоста на овој сапун, му даваат природен, свеж мирис и ја прават кожата мека и нежна.

МАРИЛИ: Зошто токму козјо млеко, што претставува овој сапун и какви се дерматолошки проблеми решава? Во што се состои неговата лековитост?
СТОЈНЕВ:
Лековитоста на сапунот од козјо млеко е во богатството од витамини што ги содржи. Тоа се витамините: Е, А, Б6 и Б12 кои се задолжени да ја омекнат кожата, да и ја вратат еластичноста и влажноста и нежно да ја смират од секакви воспалителни процеси. Но, и комбинацијата на маслата за јадење кои изобилуваат со витамините А, Д, Е и К, како и минералите: калциум, фосфор, натриум, калиум и железо, омега-3 и омега -6 масните киселини, како и антиоксидансите што ги содржат во себе ја хранат кожата, го забавуваат нејзиното стареење, ја забрзуваат регенерацијата и ја прават витална и еластична. Сапунот е наменет за сите генерации, за секој тип на кожа и за нега на целото тело и коса. Со еден збор, во него се содржат сите природни, органски елементи заедно. И секако, најважно е што во него нема ниту капка хемија, ниту трага од хемиски третиран процес.
Редовното користење на сапунот од козјо млеко може да помогне во намалување на воспаленија на кожата. Козјото млеко е богато со алфа хидроксилни киселини кои ги отстрануваат мртвите клетки од кожата и го потикнуваат растењето на нови и здрави клетки. Посебно се препорачува на луѓето со испукана и сува кожа, како и на луѓе оболени од егзема и псоријаза.
Алкален е, Ph вредноста му е повисока од Ph на нашата кожа, но, бидејќи кожата има својство да се обновува, таа во период од неколку минути ја средува разликата и бенефитот е најголем со тоа што вие не користите никаква хемија на вашата кожа.
Природниот сапун во основа е мешавина од животинско или растително потекло. Сите природни сапуни се со неутрален мирис, па и сапунот од козјо млеко ,,Стојневи”. Не додаваме есенцијални масла за да не дојде до некоја несакана алергиска реакција кај некои корисници. Целта е тоа да биде сведено на нула и да нема апсолутно никаков негативен ефект. Токму затоа не користиме есенцијални масла.

МАРИЛИ: За што е наменет козјиот сапун, кој се може да го применува, дали има некакво ограничување и дали е препорачлив во овој летен период кога се употребуваат разни препарати за сончање? 
СТОЈНЕВ:
Сапунот од козјо млеко содржи селен, за кој е докажано дека ја штити кожата од штетните ултравиолетови зраци од сонцето. Се препорачува за секој период од годината, но, особено го препорачувам во летниот период, кога високите UV зраци делуваат штетно врз кожата, ја оштетуваат, се создаваат црвенила, а многу често и опекотини, па со употребата на овој природен лековит сапун од козјо млеко многу брзо алергените симптоми, изгорениците и сл. ќе се намалат и ќе ги снема од кожата. А таа ќе го врати својот природен, еластичен и нежен изглед. Исто така, сапунот своето благотворно својство го покажува и по нанесување на заштитните креми за сончање,односно по сончањето, кога со миењето со овој сапун ќе се исчисти и хидрира кожата и ќе биде доволен заштитен слој за да не мора да нанесувате дополнителни хидратантни млека за после сончање.
Многу задоволни клиенти кои веќе подолго време го употребуваат, говорат за неговата смирувачка и лековита моќ, особено во летниот период, кога разните хемиски заштини креми за сончање исто така знаат да ја иритираат кожата на телото. Па дојдовме и до сознанието дека со нанесување на сапунот дури и како влажна крема, без негово плакнење, ефектите се поголеми и побрзи.

МАРИЛИ: Каде може да се набави сапунот од козјо млеко?
СТОЈНЕВ:
Во моментов сапунот може да се најде во продажните салони: ДМ маркети, во аптеките „Виола Трејд“, „Ника Фарм“ аптеки, во продавницата за органска храна „Био Култ“, во продавницата за здрава храна „Мар Вик“, како и во козметичкото студио „Жанета Естетик“. Се надевам дека во скоро време ќе го има на уште повеќе изложбени места во Скопје и во Македонија. 

МАРИЛИ: Компанијата „Стојневи“ беше дел од тематскиот ден „ДАМА-ДА-Здравјето и убавината во функција на современата жена“. Каков беше интересот за Вашиот производ и кои беа најчестите прашања од дамите?
СТОЈНЕВ:
Кога зборуваме за жените, мислам дека тие се најголемите потрошувачи кога станува збор за некоја линија за нега на кожата. И токму затоа и решивме да бидеме на еден од штандовите на тематскиот ден „ДАМА ДА“ оваа година. За да ги запознаеме подобро нашите дами со сите лековити и природни својства на нашиот производ, кој е релативно нов на нашиот пазар, односно, да им понудиме нешто што ќе биде благодет за здрава, нежна и чиста кожа, за тело, за коса. Најчесто не прашуваа дали сапунот може да го користат за цело тело или, пак, дали може да го користи мало дете. Потоа бараа објаснувања како делува на одредени проблеми на кожата и дали е долготрајно дејството и секако, каде можат да го набават.
Ние секогаш повторуваме дека сапунот од козјо млеко е исклучително благотворен за сите возрасти. Квалитетот и исправноста на сапунот се испитани во Институтот за јавно здравје – Скопје и тој ги исполнува критериумите за микробиолошка и хемиска чистота како козметички производ. Тоа е природен производ кој има здрава и лековита моќ, а од друга страна, пак, рачно изработените сапуни ја чуваат и нашата животна околина. Затоа и нашето мото е „Да ја чуваме природата, затоа што таа не чува нас“.

 


 

Содржината е прочитана 1584 пати.