Култура

Спектакуларно отворање на „Охридско лето“ на 12. jули

Годинашното 58. издание на фестивалот ќе го отворат оперската дива Елена Мошуц и романскиот тенор Калин Братеску во придружба на оркестарот на Македонската фихармонија под диригентската палка на Николае Молдовеану

понеделник, 09 јули 2018

Со спектакуларен настап на оперската дива Елена Мошуц и на романскиот тенор Калин Братеску, кои ќе ги придружува оркестарот на Македонската фихармонија под диригентската палка на Николае Молдовеану, на 12. јули во 21 часот во Античкиот театар во Охрид свечено ќе биде отворено 58. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Фестивалот за отворен ќе го прогласи претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, а уметничката порака ќе ја пренесе познатиот македонски актер Никола Ристановски.

Според најавите од фестивалската дирекција, по подолга пауза, годинава над Антички театар се враќа и огнометот кој ќе му даде дополнителен ефект на спектакуларниот почеток на фестивалот.

Романско-швајцарската сопранистка Елена Мошуц има репутација на еден од најразновидните и најекспресивните сопрани во светот. Се школувала на конзерваториумот „Жорж Енеску“, а за време на своите студии се стекнала со голем број награди на интернационални натпревари. Уште од почетокот на својата кариера, Мошуц е тесно поврзана со Оперската куќа во Цирих, каде се појавила во повеќе улоги. Овде се случило и нејзиното деби во улогата на Кралицата на ноќта, улога која ја изведува повеќе од 250 пати.

Елена Мошуц често настапува и во други престижни оперски куќи и фестивали во Европа, САД, Јапонија, Кина, Тајван и Јужна Кореја. Покрај оперската дејност, таа често настапува и во мјузикли и на т.н. „фадо“ концерти. Нејзината дискографија вклучува соло албуми, ДВД оперски продукции, а се има појавено и во филмот „Генијот Моцарт“ на Британската куќа БиБиСи.

Романскиот тенор Калин Братеску има неверојатно активна концертна кариера. Помеѓу најголемите негови достигнувања во претходните сезони се вбројуваат и дебито во Националната опера на Рим, Стразбург, Кралската опера на Валони во белгискиот град Лиеж со Грчката национална опера, оперската куќа „Бастиљ“ во Париз, Ковент Гарден во Лондон како и голем број други успешни претставувања во Романија и надвор од неа. На овие настапи Братеску редовно соработува со значајни оркестри и водечки диригенти, изведувајќи притоа некои од најголемите вокално-инструментални дела во историјата на музиката. 

Меѓу достигнувањата во кариерата се и главната награда на интернационалниот натпревар на градот Алкамо во 2004 година, и местото финалист на натпреварот „Франческо Вињас“ во Барселона во 2006 година. 

Годинашното издание на „Охридско лето“ ќе понуди концерти на звучни музички имиња, но и врвни театарски креации со најдобрите актери и ансамбли од светот.

„Се обидовме да ги донесеме најдобрите уметници од целиот свет. Четириесетте фестивалски вечери ќе бидат празник за љубителите на уметноста. Ќе понудат богата и квалитетна програма, а ние и овојпат ќе бидеме добри домаќини. ’Охридско лето’ е културен бренд во Република Македонија и токму затоа нашите тенденции беа и на ова 58. издание, на фестивалските сцени да ги донесеме најдобрите уметнички креации. Од друга страна, опстојувањето на оваа музичко-сценска манифестација цели 57 години покажува дека таа се потпира на нешто што навистина претставува голема традиција“, вели директорката на фестивалот „Охридско лето“, Сузана Вренцовска.
 
Фестивалот „Охридско лето“ се одржува под покровителство на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, а со финансиска поддршка на Министерството за култура. Член е на Европската фестивалска асоцијација од 1994 година.
 
Содржината е прочитана 92 пати.