Инфо

ГТЦ ќе добие зелен покрив

Град Скопје и УНДП потпишаа 720.000 долари вреден договор за соработка за реализација на проектот „Отпорно Скопје: поголема одржливост и иновации за справување со климатските промени”, кој предвидува активности од областа на заштитата на животната средина

понеделник, 09 јули 2018

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и постојаната претставничка на УНДП во Македонија, Луиза Витон потпишаа договор за соработка помеѓу Град Скопје и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) за реализација на проектот „Отпорно Скопје: поголема одржливост и иновации за справување со климатските промени“.

Проектот предвидува активности од областа на заштитата на животната средина, особено заштитата од климатските промени и зголемување на отпорноста на Скопје, како и активности за воведување иновативни пристапи во секојдневната работа и поефикасни услуги за граѓаните. А, дел од проектот е и изградба на зелен покрив на ГТЦ.

Шилегов појасни дека активностите за изградба на зелен покрив се во процедура и оти се очекува административните работи да завршат до крајот на оваа година, а реализацијата да почне од наредната година.

Како едни од активностите за заштита на животната средина, особено од климатските промени, градоначалникот ги потенцираше предвидените 10.000 нови листопадни и над 2.000 зимзелени садници што ќе се засадат на територијата на Скопје.

„Потпишувањето на овој договор е продолжување на едно многу продуктивно партнерство коешто го имаме со Градот Скопје. Со овој договор кој е во вредност од 720.000 долари нашата соработка се продолжува за период од 18 месеци. Активностите на овој проект ќе се одвиваат во две насоки, првата е подобрување на еколошката одржливост на градот, каде што ќе продолжиме да работиме на научни истражувања, а резултатите од овие научни истражувања ќе ги имплементираме преку реализација на пилот-проекти“, рече претставничката на УНДП, Луиза Витон.

 

Содржината е прочитана 80 пати.