Инфо

ЕЛЕМ инкасираше над 2 милиони евра од продажба на вишокот електрична енергија

Директорот за производство, Благојче Трповски информираше дека се продадени 35.400 мегават часови по просечна цена од 58.73 eвра за мегават час

петок, 06 јули 2018

Државната компанија за производство на електирчна енергија, АД „Електрани на Македонија“ инкасирала нешто над 2 милиони евра откако на 4 јули продала вишоци електрична енергија. Како што информираше директорот за производство ба ЕЛЕМ, Благојче Трповски продадени се 35.400 мегават часови по просечна цена од 58.73 eвра за мегават час, а продажбата била поделена на два лота.

„Во првиот ЛОТ се продаваше електрична енергија за август и во овој ЛОТ беше постигната цена од 65 eвра за мегаватчас, додека во вториот ЛОТ се продаваше електрична енергија за септември и овде се постигна цена од 54,85 eвра за MWh“, рече Трповски.

Ова е четврта аукција за продажба на електрична енергија од почетокот на годинава и досега ЕЛЕМ продаде вкупно 205.560 MWh од што компанијата има вкупен приход во висина од 10.799.558 евра.

Нагласувајќи дека во изминатите неколку години ЕЛЕМ или продавала многу малку или воопшто не продавала вишоци струја, Трповски истакна дека ова е значајно постигнување на компанијата и нејзиното производство. Тој додаде дека целта е и натаму да се продолжи со вакво темпо и електрична енергија да се продава и во следните месеци.

„Веруваме дека сето тоа ќе придонесе за финансиските резултати на компанијата, без притоа да ги нарушуваме домашните обврски, односно производството за тарифните потрошувачи”, рече директорот за производство на АД ЕЛЕМ, Благојче Трповски.

 

Содржината е прочитана 42 пати.