Инфо

Промовирани станици за поправка на велосипеди во Скопје

Сервисните станици се опремени со алат неопходен за мали интервенции на велосипедите, а се поставени на локации на кои има поголема фреквенција на велосипедски сообраќај и каде што веќе постои 24 часовен видео надзор

четврток, 05 јули 2018

Стопанска банка АД Скопје му донираше на Град Скопје пет станици за поправка на велосипеди. Донацијата што се реализира преку проектот „Вози право, вози здраво“ директно ќе придонесе за развој на велосипедската култура во Скопје.

Сервисните станици се опремени со алат неопходен за мали интервенции на велосипедите. Поставени се на локации на кои има поголема фреквенција на велосипедски сообраќај и онаму каде што веќе постои 24 часовен видео надзор, со цел да се заштитат од намерно предизвикани штети.

Сервисните станици за велосипеди се поставени на: БС „Mакпетрол“ на бул. „Партизански одреди“ (кај раскрсницата со бул. „8. Септември“), бензинска „Макпетрол“ кај Транспортен центар, БС „Макпетрол“ на излезот на Скопје кај Автокоманда, на бензинската станица „Окта“ на бул. „Србија“ и пред Инфо центарот на Град Скопје во Градскиот парк.

„’ВозиПравоВозиЗдраво’ прерасна во синоним за заедничките напори на граѓаните на Скопје и во развојот на велосипедската култура. Чест ни е што во соработка со Град Скопје денеска можеме да ги презентираме 5-те станици за поправка на велосипеди кои се дел од донациите на Банката со кои се заблагодарува за поддршката и учеството на граѓаните на ревијалните трки изминатите 4 години. Станиците се опремени со рачна пумпа за гуми, 6 специфични алати кои се стандардни за ситни поправки на велосипедите и кои веруваме лесно и брзо ќе бидат во примена од сите заинтересирани. Првата пробна станица беше поставена пред повеќе од 1 година и е во одлична форма. За првите корисници на станиците кои на социјалните мрежи ќе споделат фотографија со #ВозиПравоВозиЗдраво, Банката ќе обезбеди симболични подароци“, рече Ратка Тирицовска, директор на Дирекцијата за маркетиг и односи со јавност во Стопанска банка АД Скопје.
 

Содржината е прочитана 81 пати.