Бизнис вести

Почнува реорганизацијата на „Фени“

Од новиот сопственик ГСОЛ/ЕуроНикел велат дека со реорганизацијата ќе се отвори патот за големи инвестиции, од кои 15 до 20 милиони евра само за реконструкција на втората печка, што ќе придонесе за зголемување на производните капацитети и норми на 19.000 до 21.000 тони никел годишно

четврток, 05 јули 2018

Процесот на реорганизација на „Фени Индустри“ започнува веднаш, уште денеска откако вчера Собранието на доверители со огромно мнозинство го прифати и го одобри планот за реорганизација поднесен од ГСОЛ / ЕуроНикел.

„Денеска е навистина голем ден за ’Фени’ затоа што дојде до кулминација на процесот што траеше многу месеци. Од првиот ден откако дојдовме во Македонија кажавме дека наша цел е ’Фени’ да стане најуспешен производител на фероникел во Европа. Денеска е ден за славење, денеска го добивме процесот, денеска е голема победа, за вработените, за иднината на фирмата, за сите. Сакам да им се заблагодарам на вработените затоа што го поддржуваа ’Фени’ секој ден низ процесот и затоа што работат со нас како инвеститор, како и на целата земјата што нè поддржуваа во намерата да ја спасиме оваа компанија“, рече Маркос Камхис, директор на ГСОЛ.

Од новиот сопственик на кавадаречкиот комбинат велат дека со реорганизацијата ќе се стави крај на неизвесното и лошо управување во минатото и ќе се отвори патот за големи инвестиции, од кои 15 до 20 милиони евра само за реконструкција на втората печка, што ќе придонесе за зголемување на производните капацитети и норми на 19.000 до 21.000 тони никел годишно. Тоа, како и дополнителните инвестиции во развојот на техничко-технолошки капацитети ќе го зголемат производството, што, пак, ќе повлече нови вработувања и зголемување на платите.

„ГСОЛ/ ЕуроНикел досега инвестираше повеќе од 80 милиони евра во ’Фени’. Инвестицијата започна со договорот за производство на никел, со кој се рестартираше производството. Од тогаш досега се произведени повеќе од 2.500 тони никел, продолжува извозот, а се ангажирани 200 локални компании кои превезуваат од пристаништето Солун и Албанија. Увезени се над 200.000 тони руди од меѓународни рудници на ГСОЛ. Ова обезбеди доволно ресурси и технички потенцијал за континуирано производство. Во меѓувреме, платите на вработените кои вклучуваат бонуси, од просечни 23.000 се зголемени на 27.000 денари и со понатамошен растечки тренд што следи по зголемувањето на производството“, велат од ГСОЛ и потенцираат дека овие позитивни промени и оние што допрва следат ќе го вратат „Фени“ на листата најголеми преработувачи на фероникел, а за над 800 вработени значат обезбедена стабилна иднина.
 

Содржината е прочитана 98 пати.