Инфо

Расте извозот од Македонија, за пет месеци се зголемил за 14,2 проценти

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека, во периодот јануари – мај 2018 година трговскиот дефицит изнесувал 762.513.000 евра

среда, 04 јули 2018

Македонија во периодот јануари – мај оваа година извезла стока во вредност од близу 140 милијарди денари, или 2,27 милијарди евра, што претставува раст од 14,2 проценти во однос на првите пет месеци лани, објави Државниот завод за статистика.

Според податоците на ДЗС, во овој период била увезена стока во вредност од над 186 милијарди денари, односно 3 милијарди евра што е за 9,5 отсто повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Во периодот јануари – мај 2018 година трговскиот дефицит изнесувал 762.513.000 евра.

Во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, потоа деловите на седишта и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица. Најмногу се увезувале платина и легури на платина, нафтени масла и масла добиени од битуменозни минерали, како и плоснатовалани производи од железо или нелегиран челик.

Македонија во овој период најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.
 

Содржината е прочитана 43 пати.