Инфо

Почна рекострукцијата на средните училишта во Скопје

Во текот на летниот распуст ќе бидат реконструирани објектите на вкупно 11 средни училишта, за што се предвидени 60 милиони денари. Парите се обезбедени со пренамена на средствата од „Скопје 2014“

среда, 04 јули 2018

Градот Скопје ја почна најавената реконструкција на 11 средни училишта. Активностите стартуваа на објектот на СУГС „Кочо Рацин“, а во текот на летниот распуст ќе бидат обновени и реконструирани „Димитар Влахов“, „Јосип Броз Тито“, „Орце Николов“, „Кочо Рацин“, „Никола Карев“, „Боро Петрушевски“, „Здравко Цветковски“, „Панче Арсовски“, Сарај, „Панче Караѓозов“ и „Михајло Пупин“.

За оваа намена се предвидени речиси 60 милиони денари, од кои 46 милиони денари се за фасади, а остатокот се планирани за санација на санитарни јазли, подови, врати, за електрика и греење. Парите, како што рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов на денешната прес конференција, се обезбедени со пренамена на средствата предвидени за „Скопје 2014“.

„Како што најавивме на почеток на оваа година, Градот Скопје во текот на летниот распуст почнува голема реконструкција на 11 средни училишта во нашиот град. Ние мислиме на загадувањето и во летниот период, па еден од овие проекти е и решавањето на енергетската ефикасност на објектите коишто се под надлежност на Градот, како што се средните училишта. Оваа акција треба да заврши до крајот на летниот распуст со цел децата непречено да одат на настава“, рече Шилегов.

Овие училишта ќе добијат нови, енергетски ефикасни фасади, а во преостанатите средни училишта во градот ќе се изврши целосна реконструкција на внатрешноста, како и замена на столаријата онаму каде што е потребно. Со цел да има подеднакви услови за сите ученици, во санитарните јазли се изработуваат посебни тоалети наменети за децата со посебни потреби.

„Градот Скопје не застанува тука. При крај е постапката за целосна реконструкција на средните училишта ’Цветан Димов’ и ’Марија Кири Склодовска’“, појасни Шилегов.
 

Содржината е прочитана 61 пати.