Инфо

Дури 46 земјотреси ја потресоа Албанија за еден час, најсилниот со 5,2 степени по Рихтер

Првиот и најсилен потрес беше во 11,02 часот со епицентар на 31 километар северозападно од Тирана, на подрачјето на заливот Лалзи и е почувствуван и во Македонија, Црна Гора и Косово

среда, 04 јули 2018

Серија земјотреси ја погодија денеска Албанија предизвикувајќи материјална штета и паника меѓу населението.

Според Рапо Ормени од Сеизмолошкиот институт во Тирана по првиот потрес во 11,02 часот, па се до 12 часот почуствувани се 46 потреси со различна јачина.

„Првиот потрес беше со јачина од 5,2 степени според Рихтер на 31 километар северозападно од Тирана, во подрачјето на заливот Лалзи кај Драч, на длабочина од 10 километри. Можни се и понатаму потреси со помала јачина, се додека се смири тлото“, изјави Ормени.

Поради паниката голем број граѓани се надвор од своите домови, институциите не работеа повеќе од еден час, бидејќи вработените беа надвор, а прекин имаше и во телефонската мрежа. Засега нема информации за повредени, но веќе се евидентират оштетувања на објекти.

Земјотресот беше почувствуван и во Македонија, Црна Гора и на Косово.

Албанското Министерство за одбрана отвори посебна телефонска линија каде граѓаните може да се јавуваат за било каква информација или потребна помош.

Преземено од МИА
 

Содржината е прочитана 134 пати.