Инфо

ЕЛЕМ и МЕПСО ќе го спасуваат „Еурокомпозит“

Владата ги задолжи двете државни компании да обезедат по три милиони денари за спас на фабриката, од кои половината ќе бидат наменети за исплата на платите на вработените

среда, 04 јули 2018

ЕЛЕМ и МЕПСО ќе треба да обезбедат вкупно шест милиони денари како позајмица за спас на „Еурокомпозит“. Владата на синоќешната седница донела одлука двете државни компании да обезбедат по три милиони денари.

Половина од вкупната сума ќе биде наменета за исплата на платите за вработените, околу 30 проценти за набавка на репроматеријали и на други потребни средства за фабриката, додека остатокот од парите ќе се насочат за тековно одржување на „Еурокомпозит“.

Владата го задолжи вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев во најскоро време да најде конечно решение за состојбата во компанијата.

А, вработените кои немаат земено плата 18 месеци од вчера поставија шатори пред зградата на владата. Штрајкуваат за да ја потсетат Владата да ги исполни ветувањата што им ги даде пред два месеца, дека фабриката ќе се продаде, дел од вработените ќе бидат прогласени за технолошки вишок, а за останатите ќе има и работа и редовна плата.
 

Содржината е прочитана 40 пати.