Инфо

Капиталните инвестиции никако да тргнат, за пет месеци реализирани само 13,8 проценти од планираните средства

Од предвидените вкупно 392,5 милиони евра искористени се само 54,2 милиони, што претставува најмала реализација на капитални инвестиции во последните десет години. Причина за тоа се наследените проекти со многу проблеми

среда, 04 јули 2018

Само 54,2 милиони од вкупно 392,5 милиони евра се потрошени во првите пет месеци од годнава за реализација на капиталните инвестиии. Тоа значи дека се искористени само 13,8 отсто од годинашниот буџет проектиран таа намена, што претставува најмала реализација на капитални инвестиции во последните десет години. Само во мај реализирани се капитални проекти за едвај 11 милиони евра.

И покрај најавената градежна офанзива и градежна сезона во полн ек, факт е дека проектите се реализираат со минимална динамика. Од Министерството за финансии вината за тоа ја префрлаат кај претходната Влада од која велат дека наследиле проекти со голем број проблеми. Еден од главните проблематични проекти е автопатот Кичево – Охрид чие завршување, поради проблеми во проектирањето, е одложено за три години.

А, катастрофалната реализација на капиталните инвестиции значи и потенцијална опасност за остварување на предвидениот раст на БДП од над три проценти за годинава. Всушност, токму поради овие причини и БДП минатата година беше имаше раст од само 0,1 процент, а градежништвото беше гранката која најмногу повлече надолу, бидејќи забележа потфрлање за цели 37,2 отсто.

Сепак, економските министри и натаму се оптимисти и уверуваат дека следи период на забрзана реализација на капиталните проекти во патната инфраструктура, железницата и гасификацијата. Вицепремиерот Кочо Анѓушев верува дека до крајот на годинава ќе се реализираат околу 80 проценти од планираните близу 400 милиони евра за капитални инвестиции. Министерот за транспорт и врски, пак, Горан Сугарески најави голема инфраструктурна офанзива која, како што рече, ќе биде најинтензивна во август и септември, со што градежништвото ќе го зголеми БДП во последните два квартали од оваа година.
 

Содржината е прочитана 45 пати.