Инфо

Општина Охрид објави повик за субвенционирање на уплатената туристичка такса

Висината на субвенцијата ќе изнесува 80 проценти од уплатената такса за привремен престој по основа на вкупниот број остварени ноќевања за периодот од 1 јануари до 30 јуни 2018 година

среда, 04 јули 2018

Охриѓани кои издаваат станови на домашни и на странски туристи имаат можност да добијат субвенции на уплатената такса за престој на гостите. Висината на субвенцијата ќе изнесува 80 проценти од уплатената такса за привремен престој по основа на вкупниот број остварени ноќевања за периодот од 1 јануари до 30 јуни 2018 година. Средствата од субвенциите ќе може да се искористат за опремување на сместувачкиот капацитет, но не и за извршување градежни активности.

Општина Охрид објави јавен повик за добивање субвенции на уплатената такса за привремен престој на домашни и странски туристи. Регистрираниот давател на услуги од мал обем (станоиздавач) ќе биде обврзан за средствата во висина од субвенционираната туристичка такса да набави опрема, мебел и други производи за опремување на неговиот сместувачки капацитет. Набавката претходно мора да биде одобрена од комисијата формирана од градоначалникот на општина Охрид. Исплатата ќе се врши по приемот на фискалните сметки, фактури или други финансиски документи како доказ за извршената набавка.

Целта на субвенциониањето е да се поттикнат лицата кои се запишани во регистарот на физички лица вршители на угостителска дејност во oпштина Охрид уредно да ја водат евиденцијата за престој на гостите во својот сместувачки објект. На тој начин ќе се стимулира редовната наплата на ТПП и ќе се избегне нејзиното прикривање.


 

Содржината е прочитана 78 пати.