Бизнис вести

„Адора“ продолжува да купува акции во Комерцијална банка

Официјално е соопштено дека компанијата поседува 7,66 отсто од акциите, а заедно со поврзаните лица има учество од 8,08 проценти во основната главнина на Комерцијална банка

среда, 04 јули 2018

Градежната компанија „Адора Инженеринг“ продолжува да купува акции во Комерцијална банка. Од Банката преку соопштение на Македонска берза известуваат дека во изминатиот период преку берзански трансакции правното лице „Адора Инженеринг“ ДООЕЛ Експорт-Импорт Скопје се стекна со дополнителни акции издадени од Комерцијална банка АД Скопје.

Официјално е соопштено дека „Адора“ поседува 7,66 отсто од акциите во Комерцијална банка, а заклучно со 2 јули 2018 година, компанијата заедно со поврзаните лица поседува вкупно 184.214 обични акции, односно има учество од 8,08 проценти во основната главнина на Комерцијална банка АД Скопје.

Градежната компанија на Ванчо Чифлиганец прв пат купи акции во оваа Банка на 21 март годинава, кога Шведскиот инвестициски фонд ги продаден своите акции. Тогаш се истргуваа 298.003 акции по цена од 3.750 денари за една акција, односно 13 отсто од акциите на банката, а купувачи беа четири компании: „Адора“, „Гранит“, ИГМ Трејд и „Индустри Сервисис“. На 9 мај „Адора“ одново купи акции и тоа 52.189 акции и ги плати по 4.200 денари, со што се стекна со учество од 7,19 проценти од акциите и стана најголем акционер во Банката. Од тогаш до 2 јули купи уште околу 10.000 акции и го зголеми своето учество на 7,66 отсто, а во меѓувреме, првиот човек на компанијата, Вачно Чифлиганец беше избран и за член на Надзорниот одбор на Комерцијална банка.
 

Содржината е прочитана 53 пати.