Инфо

ЈСП „Скопје“ ќе купува 30 нови еколошки автобуси

Претпријатието ќе се задолжи кај меѓународна кредитна институција во износ од 10 милиони евра, со каматна стапка од 1 отсто, 3 години грејс период и 7 години отплата, без вклучен грејс период. Во план е тендерот да биде распишан на есен, а до крај на годината да биде потпишан договорот за набавка

вторник, 03 јули 2018

Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ донесе одлука да купи 30-ина нови автобуси на еколошко гориво кои ќе ги заменат старите дотраени дизел возила кои се уште сообраќаат по скопските улици. За таа цел претпријатието ќе земе кредит во висина од 10 милиони евра.

„ЈСП со цел набавка на нови еко-автобуси, донесе одлука за задолжување кон меѓународна кредитна институција во износ од 10 милиони евра, со каматна стапка од 1 отсто, 3 години грејс период и 7 години отплата, без вклучен грејс период. Кон обезбедување на задолжувањето потребно е да се добие државна гаранција. Бидејќи е утврден начинот на финансирање за планираните нови автобуси, динамиката на целиот проект предвидува на есен да се распише тендерот, а до крајот на годинава да се потпише договорот со фирмата што ќе ги испорача автобусите. Автобусите ќе бидат нископодни и планираме две третини од нив да бидат зглобни, а една третина единечни“, рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Тој појасни дека целта на набавката е Скопје да добие модерен јавен транспорт, кој е економски ефикасен и не го загадува воздухот.

„До сега низ Скопје пробно сообраќаа неколку екоавтобуси од различни производители. Имавме три автобуси на гас и еден електричен автобус. Целта беше да стекнеме искуства и најдобро да оцениме кој тип на автобус е најсоодветен за сообраќајот во Скопје. Автобусите на гас се енергетско ефикасни. Споредено со потрошувачката на старите дизел- автобуси, овие трошат речиси двојно помалку гориво, што дополнително ќе ги намали трошоците на ЈСП, а најголемата предност е што емитуваат значително помалку ЦО2 и речиси воопшто не го загадуваат воздухот“, потенцираше Шилегов.

Тој додаде дека во трансформацијата на јавниот превоз ќе бидат вклучени и приватните превозници, дека предвидени се субвенции за набавка на нови еколошки автобуси, како и за адаптација на постоечките на еколошки гас.

 

Содржината е прочитана 53 пати.