Инфо

Воведена забрана за увоз на овци, кози и овчо и козјо млеко и месо од Бугарија

Агенцијата за храна и ветеринарство достави известување до сите ветеринарни друштва да го зголемат нивото на претпазливост и веднаш да пријават до официјалните ветеринари евентуални сомнителни грла

понеделник, 02 јули 2018

Со цел спречување на внесување и заради навремено забележување и пријавување на болеста „чума“ кај овци и кози која од 22 јуни годинава е потврдена и во соседна Бугарија, а е присутна и во Турција, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) донесе Решение за забрана за увоз и транзит од Бугарија на живи домашни и диви мали преживари, нивно семе, јајце клетки и емброни, месо, производи и преработки од месо, млеко и производи од млеко, како и нуспроизводи.

АХВ соопшти дека се воведени и мерки за брза реакција и успешно справување при евентуална појава на болеста и кај нас.

Агенцијата достави известување до сите ветеринарни друштва да го зголемат нивото на претпазливост и веднаш да пријават до официјалните ветеринари евентуални сомнителни грла. Воедно апелира до одгледувачите на овци и кози, до ветеринарните друштва и официјалните ветеринари да го пријават секое сомнително грло и доколку и кај едно животно забележат симптоми на оваа болест, на сите животни од одгледувалиштето да им се оневозможи движење надвор од одгледувалиштето од каде не смее да се изнесуваат и производи од животинско потекло, опрема, измет и ѓубре.
 

Содржината е прочитана 65 пати.