Култура

Традиција која обврзува да се зачува љубовта кон уметноста

Центарот за современа ликовна уметност Прилеп ја организира 61. Ликовна колонија и го одбележува јубилејот 55 години скулпторски симпозиум „Мермер“

понеделник, 02 јули 2018

На 29.јуни 2018 година во Центарот за современа ликовна уметност - Прилеп се одржа свеченото отворање на 61. Ликовна колонија и се одбележа јубилејот 55 години скулпторски симпозиум „Мермер“ во организација на Јана Јанеска Ристески, Горан Ристески и членовите на Управниот одбор на ЦСЛУ. Покрај бројните гости на свеченоста беа присутни и се обратија Никола Смилков, професор по вајарство на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и член на УО на ЦСЛУ, градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски и амбасадорот на Република Словенија во Република Македонија, Милан Јазбец. 

Во прекрасна атмосфера, со многу позитивна енергија и ентузијазам беше одржана свеченост која го претставува континуитетот на една долга културна традиција во Прилеп, започната во 1957 година кога е формиран Центарот за современа ликовна уметност Прилеп од проф.д-р Бошко Бабиќ и академскиот сликар проф. Ристо Лозановски. Оваа ликовна колонија е една од најстарите на Балканот и во Југоисточна Европа и низ годините ги обедини уметниците од целиот свет да создаваат творби, а градот Прилеп да стане една од најголемите ризници на сликарски, вајарски и други уметнички дела во Европа. Во рамките на колонијата опстојуваат неколку работилници и тоа: Интернационална сликарска колонија, Интернационален скулпторски симпозиум „Мермер“, Интернационално студио за пластика во дрво, Интернационално ателје за скулптура во метал.

Годинава се одбележуваат 55 години од скулпторскиот симпозиум „Мермер“ и по тој повод гостуваа четворица уметници вајари од Црна Гора, Хрватска, Србија и од Шпанија, а специјална гостинка беше г-ѓа Весна Јововиќ, директор на Уметничката колонија Даниловград. Истовремено, бројни уметници од ликовната уметност, пред се, од Македонија настапуваат работно творејќи и создавајќи сликарски дела. 

Одличната организација во работењето на колонијата и одбележувањето на свеченоста се огледа во сите делови од овој проект, на кој, пред се, сопружниците Јана и Горан неуморно се залагаат и работат во текот на целата година. Г-ѓа Јана Јанеска Ристески за својата долгогодишна и неуморна работа и менаџирање со овој проект, годинава беше прогласена за една од најуспешните жени менаџери од агенција „Марили“. Истовремено, со дела на ЦСЛУ - пет уметнички слики, таа учествуваше и во хуманитарна аукција на слики што се одржа во рамки на тематскиот ден „ДАМА-ДА“, од каде собраните средства беа донирани во ЈЗУ Здравствен дом Прилеп. 


Јанеска Ристески постојано работејќи, особено во изминатава декада согоруваше секоја година во напорот да се одржи традицијата на оваа уметничка колонија и таа да опстојува како голема љубов кон семејството, но, пред се, кон градот Прилеп и кон нашата земја. Оваа љубов, од нејзиниот дедо Бошко Бабиќ, преку нејзината мајка Гордана Бабиќ-Јанеска, нејзиниот татко Диме Јанески и братот Огнен, продолжува и во нејзиното ново семејство со сопругот Горан Ристески и децата Каја и Горјан. 

Трепетот на уметноста, поврзан со прагматичниот дух на секојдневието се ретка комбинација на менаџерот во областа на културата, а тоа го поседува токму Јана Јанеска Ристески, која успешно го предводи овој голем уметнички проект со уште поголема традиција која обврзува да ја зачуваме љубовта кон уметноста, да ја негуваме и промовираме како нешто најсвето од овие простори кое не отсликува како народ и како парче земја со длабока цивилизациска и културна вредност во срцето на Европа.
 
Содржината е прочитана 593 пати.