Инфо

„Топлификација“ : „ТЕ-ТО“ ни должи 28 милиони евра, а ни бара стечај за 1,1 милион“

Реакцијата на „Топлификација“ доаѓа откако во Основниот суд Скопје 2 Скопје се одржа рочиште по однос на поведена постапка за стечај на компанијата заради неплатен долг кон доверителот „Битар холдингс лимитед“

петок, 29 јуни 2018

„Топлификација“ АД ја обвинува „ТЕ-ТО“ дека бара стечај на компанијата поради побарување од околу 1,1 милион евра иако, всушност,таа и должи 28 милиони евра. Во соопштение од „Топлификација“ велат дека барањето за нејзин стечај го поднела офшор-фирмата „Битар холдингс лимитед“, која е 89,2 проценти сопственик на „ТЕ-ТО“ АД.

Ваквата реакција на „Топлификација“ доаѓа откако во Основниот суд Скопје 2 Скопје се одржа рочиште по однос на поведена постапка за стечај на компанијата заради неплатен долг кон доверителот „Битар холдингс лимитед“.

„Во овој момент ‘ТЕ-ТО’ АД, по сопствено признание дадено во Програмата за сопствена реорганизација приложена за стечајот кој ‘ТЕ-ТО’ АД си го бара сам на себе, е должен на ‘Топлификација’ АД над 28 милиони евра. Од тоа 11,4 милиони евра по извршна судска пресуда донесена од Врховниот суд на РМ“, пишува во соопштението од „Топлификација“ и се тврди дека во Програмата за реорганизација „ТЕ-ТО“ АД признава дека во периодот 2013 – 2017 работел целосно непазарно купувајќи природен гас од дефинирана offshore фирма и продавајќи електрична енергија на строго дефинирана фирма надвор од државата.

Од „Топлификација“ додаваат дека во истата Програма за реорганизација директорот на „ТЕ-ТО“ бара отпис на долговите кон нив во висина од околу 26 милиони евра за да се спасела фирмата од банкротство. Велат дека „Топлифкација“ е подготвена веднаш да го плати долгот кон „Битар холдингс лимитед“ доколку „ТЕ-ТО“ АД ја исполни својата обврска кон нив по пресудата на Врховниот суд.

„’Топлификациј’а АД уште еднаш ги повикува надлежните органи во Република Македонија целосно да ја испитаат постапката на стечај на ‘ТЕ-ТО’ АД и непазарното работење во периодот 2013 – 2017 за да се избегнат сериозни штети на доверителите на ‘ТЕ-ТО’ АД од над 152 милиони евра отписи кои раководството на ‘ТЕ-ТО’ АД ги бара во својот стечај предизвикан сам на себе“, се вели во соопштението на „Топлификација“.

 

Содржината е прочитана 43 пати.