Инфо

Официјализиран новиот рок за поднесување барања за приватизација на градежното земјиште

Со усвоените законски измени рокот за поднесување барања за приватизација на земјиштето е пролонгиран до 31 декември 2021

петок, 29 јуни 2018

Рокот за поднесување барања за приватизација на државното земјиште и официјално е пролонгиран до 31 декемрви 2021 година. Собранието ги донесе измените на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, со што практично им се дава нова шанса на граѓаните кои не успеале да го приватизираат земјиштето до декември 2014 година да можат да го сторат тоа во наредните три години.

„Осум дена по објавување на измените на Законот во Службен весник, граѓаните повторно ќе можат да поднесуваат барања за приватизација на земјиште во државна сопственост“, се вели во соопшението на Министерството за финансии.

Од таму потсетуваат дека рокот за поднесување барања истече на 15 декември 2014 и од тој датум досега не можеше да се поднесуваат барања за приватизација. Продолжувањето на рокот, како што потенцираат од Министерството, е резултат на бројните реакции од оние граѓани кои не успеале да поднесат барање за приватизација во изминатиот период.

Исто така, се одложува и примената на законските одредби што се однесуваат на воспоставување закуп на градежно земјиште кое не е приватизирано, а до 31 декември 2022 годна се пролонгира и рокот за поднесување пријава за промена од корисничко право во право на сопственост пред Агенцијата за катастар на недвижности.
 

Содржината е прочитана 152 пати.