Бизнис вести

Ангеловска Бежоска се сретна со бизнис заедницата во Стопанската комора на Македонија

Имајќи го предвид значењето на макроекономската и финансиската стабилност при носењето на деловните одлуки и планови на компаниите, посебен акцент на средбата е ставен на разгледувањето на последните очекувања на Народната банка, особено на макроекономското сценарио за периодот 2018-2019 година

петок, 29 јуни 2018

Стопанската комора на Македонија вчера организираше заедничка средба на претставници на компаниите членки на Комората со гувернерката на Народната банка на Република Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска.

На средбата, како што соопшти Стопанската комора на Македонија, беа разгледани повеќе прашања, меѓу кои и тековниот макроекономски амбиент и состојбите во банкарскиот систем. Имајќи го предвид значењето на макроекономската и финансиската стабилност при носењето на деловните одлуки и планови на компаниите, посебен акцент, посочуваат во соопштението на средбата, е ставен на разгледувањето на последните очекувања на Народната банка во овој поглед, а особено на макроекономското сценарио за периодот 2018-2019 година.

Гувернерката на НБРМ даде детален осврт на клучните претпоставки за надворешното опкружување, коешто е особено важно за мала и отворена економија како македонската. Притоа е потенцирано дека глобалната економија и понатаму закрепнува, но со понагласени ризици во контекст на сè поизразениот глобален трговски протекционизам.
На средбата се разгледаа и проекциите на Народната банка во однос на економската активност, инфлацијата, надворешната позиција на економијата и кредитната активност на домашниот банкарски систем.

Гувернерката истакна дека и овие последни проекции посочуваат на здрави фундаменти на економијата, со потенцијал за раст, без притисоци врз инфлацијата и девизните резерви, коишто се во сигурната зона. Поддршка на економијата се очекува и од банкарскиот систем, којшто и натаму е стабилен, ликвиден и добро капитализиран.
На средбата се разгледани и најновите економски и финансиски показатели, при што е заклучено дека тековите се главно во согласност со очекувањата, со исклучок на економската активност којашто е послаба заради инвестицискиот пад и ја покажува потребата од побрзо и посилно ревитализирање на циклусот инвестиции. Посебно внимание е посветено и на можните внатрешни и надворешни ризици во периодот што следува.

Оваа средба беше одржана заради унапредување на јавно-приватниот дијалог. Во завршницата на средбата, гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска-Бежоска и претседателот на Комората, Бранко Азески заеднички нагласија дека ваквите средби ќе продолжат и во иднина и дека дополнително ќе се работи на унапредување на соработката и комуникација меѓу Централната банка и бизнис заедницата.

Преземено од МИА
 

Содржината е прочитана 88 пати.