Култура

Британскиот оскаровец Роџер Дикинс, лауреат на „Златна камера 300“ за животно дело

Годинашното 39.издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 22 до 29 септември под слоганот „Симнуваме капа“ (Hats off), во знак на почит кон традицијата на фестивалот, кинематограферите, градот Битола и публиката

четврток, 28 јуни 2018

Годинашниот лауреат на „Златна камера 300“ за животно дело е британскиот оскаровец Роџер Дикинс, кинематографер на култните филмови „Бегство од Шошенг“, „Фарго“, „Човекот кој не беше таму“....

Ова беше соопштено на денешната прес конференција посветена на 39. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој годинава ќе се одржи од 22 до 29 септември под слоганот „Симнуваме капа“ (Hats off), во знак на почит кон традицијата на фестивалот, кинематограферите, градот Битола и публиката.

Директорката на Фестивалот, Гена Теодосиевска најави издание со бројни содржини и новитети. Се зголемува бројот на фестивалски програми кои оваа година ќе бидат вкупно 14, а ќе има и нови селектори на филмските програми: Марија Џиџева на документарната програма, Даријан Пејовски и Марија Апчевска, како селектори на кратките филмови, како и Слаѓан Пенев, кој ја селектираше програмата „Европски перспективи“.

„’Браќа Манаки’ е препознатлив како една специфична и автентична филмска територија поради искрената почит кон маговите на визуелната креација на филмската уметност, конемтограферите, но и поради непосредноста на која наидуваат фестивалските гости. Да се поместуваат границите не значи да се негира досега направеното, но да ѝ се додаваат различни состојки на една содржина, секако дека во една смисла значи промена, но не и отфрлање на позитивните искуства вклучени со години и градени со децении од оние кои ја почувствувале потребата да се основа и да се организира еден ваков фестивал и да се слави филмот во градот на браќата Манаки. Вкусот на таа промена зависи од сензибилитетот на оној кој ја обликува. А, тоа сме сите ние, фестивалскиот тим на овој фестивал и вие како наши соработници. Постоењето на оваа симбиоза е неспорно и повеќе од клучно“, рече Теодосиевска.

Претседателот на Друштвото на филмски работници на Македонија, Игор Иванов – Изи истакна дека остануваат посветени на фестивалот, кој годинава ќе го има своето „транзциско“ издание во пресрет на големиот јубилеј догодина.

„Ова издание на ’Браќа Манаки’ очекуваме да мине во најдобро светло и да го најави големиот јубилеј догодина, 40. ’Браќа Манаки’, со кој ние, филмските професионалци од Македонија очекуваме да започне нова ера на македонскиот филм, ослободена од политизирање, стигматизација, лажни вредности и злоупотреби. Сакаме да го ставиме фокусот на младите автори и да снимаме филмови кои се случуваат овде и сега. Новите генерации филмски автори и публиката тоа несомнено го заслужуваат, а нашите заложби, во соработка со Агенцијата за филм и другите институции од оваа сфера, ќе бидат насочени во правец конечно да овозможиме услови за создавање и консумирање филм според денешните европски стандарди. Не би сакал во иднина повторно да немаме претставник за Оскар“, рече Иванов.

Уметничкиот директор на фестивалот, Благоја Куновски – Доре, рече дека за големината на годинашниот лауреат на „Златна камера 300“ за животно дело, големиот британски и светски кинематографер, оскаровецот Роџер Дикинс, сведочат импозантните бројки од 115 најразлични светски филмски награди и 148 номинации.

Амбасадорот на Обединетото Кралство, Чарлс Гарет изрази задоволство што неговиот сонародник и великан на светската кинематографија годинава го добива признанието од фестивалот „Браќа Манаки“.

„За нас филмот е дел од креативните индустрии, област во која имаме успех. Благодарам што ме поканивте и симнувам капа“, рече амбасадорот Гарет.
 

Содржината е прочитана 79 пати.