Инфо

Во Скопје наскоро ќе се плаќа паркинг за мотори

Градоначалникот Петре Шилегов најави дека моторите ќе мора да се оставаат на обележени места на паркиралиштата на ЈП „Градски паркинг“. Цената за паркирање ќе биде симболична, двојно помала од таа за коли

четврток, 28 јуни 2018

Скопјани многу скоро ќе мора да плаќаат паркинг и за моторите. Сопствениците на мотори веќе нема да смеат да ги оставаат своите миленици на две тркала каде ќе сакаат, туку ќе мораат да ги паркираатт на паркинзи и да плаќаат за паркирање.

Ова денеска го најави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов на седница на градскиот Совет, на која на дневен ред беа советнички прашања.

„Ќе почнеме да наплатуваме за паркирање на моторите, оти сега секој паркира каде ќе стигне“, рече Шилегов.
Моторите ќе може да се паркираат на паркиралиштата со кои стопанисува градското јавно претпријатие „Градски паркинг“, каде од понеделник ќе почне и бележење на паркинг местата наменети за мотори. Претпријатието веќе работи на ценовникот за паркирање. Оттаму велат дека цената се уште не е одредена, но оти таа ќе биде симболична, односно, двојно пониска од онаа за паркирање на колите.

Одлуката за воведување наплата за паркирање мотори треба да биде усвоена на седница на Советот на Град Скопје наредниот месец. По стапување во сила на одлуката, полицијата ќе казнува за моторите што ќе бидат паркирани на необележени места, на тротоари, улици или на јавни површини.
 

Содржината е прочитана 41 пати.