Инфо

Објавен повик за избор на авиокомпанија што ќе добива државни субвенции

Избраната компанија во наредните три години ќе добие финансиска поддршка од државата во висина од пет милиони евра

четврток, 28 јуни 2018

Министерството за транспорт и врски денеска објави повик за избор на авиокомпанија која ќе добие финансиска подршка од државата за воведување нови дестинации од македонските аеродроми. Избраната компанија во наредните три години ќе добие субвенции во висина од пет милиони евра.

Заинтерсираните можат да доставуваат понуди до 27 јули оваа година, кога ќе има нивно јавно отворање, а договорот со избраната авиокомпанија треба да биде потпишан во август. Компаниите што ќе аплицираат, меѓу останатото треба да имаат превезено најмалку 10 милиони патници и остварено профит од 25 милиони евра минатата година.

Како што појасни министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, за секоја нова дестинација од аеродромите во Скопје и во Охрид ќе се исплаќа еднократен надомест од по 40.000 евра. За секој патник во заминување во првите три години за дестинации од скопскиот аеродром авиокомпанијата ќе добива по девет во првата година, по осум во втората и по седум евра во третата година, а од охридскиот аеродром финансиската поддршка по патник за првата година ќе изнесува 13 евра, 12 за втората и 11 евра за третата година.

„Финансиската поддршка ќе се додели на авиокомпанијата која ќе понуди најголем број нови дестинации на кои ќе оперира од и до меѓународниот аеродром ’Скопје’ и од и до аеродромот ’Св. Апостол Павле’ во Охрид, а кои не биле опслужувани со редовен воздушен превоз во последните две ИАТА сезони“, рече Сугарески.

Според условите на тендерот, компанијата што ќе биде избрана, најдоцна до 1 декември годинава треба да воспостави или одржи база од најмалку еден воздухоплов на охридскиот аеродром, најдоцна до 1 ноември да стартува со оперирање на најмалку две дестинации од меѓународниот аеродром „Скопје“, додека од охридскиот аеродром со најмалку четири нови дестинации од кои првите две до крај на годинава, а останатите во рок од една година од склучување на договорот.

Сугареси потенцираше дека на јавниот повик може да се пријават сите домашни и странски авиопревозници, вклучувајќи ја и нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“, која во изминатите шест години со два договора доби 9,5 милиони евра субвенции од државата.


 

Содржината е прочитана 55 пати.