Инфо

Наскоро Германија ќе ги признае македонските возачки дозволи

Македонија досега има потпишано договор за признавање на возачките дозволи со седум држави и тоа со Шпанија, Италија, Србија, Албанија, Црна Гора, БиХ и со Австрија, а наскоро очекува реципрочно признавање и со Косово

среда, 27 јуни 2018

Наскоро се очекува Германија да ги признае македонските возачки дозволи. Владата очекува да биде потпишана заедничка декларација меѓу нашето МВР и Сојузното министерство за сообраќај и дигитална инфраструктура на Сојузна Република Германија за реципрочно признавање и замена на возачки дозволи.

„По интензивна комуникација меѓу двете министерства во мај оваа година се изврши усогласување на заедничката декларација помеѓу министерставата. Со тоа се предвидува по потпишување на декларацијата да постои признавање и замена на националните возачки дозволи од двете земји, односно, реципрочно признавање на возачките дозволи во двете земји. Тоа е од особена важност за сите граѓани на Македонија кои живееат или престојуваат во Германија, бидејќи со стапување во важност на оваа декларација, веќе нема да има потреба да полагаат теоретски и практичен тест, да одат на преглед за видот и да ги поминуваат сите овие процедури“, рече портпаролот на Владата, Мухамед Хоџа.

Република Македонија досега има потпишано договор за признавање на возачките дозволи со седум држави и тоа со Шпанија, Италија, Србија, Албанија, Црна Гора, БиХ и со Австрија.

„Во сите овие држави граѓаните на Македонија кои го имаа регулирано законското право за престој во едноставна постапка само вршат замена на дозволата. Додека оние лица кои транзитират, или престојуваат во овие држави до шест месеци, ја користат возачката од Македонија“, рече Хоџа и најави дека наскоро се очекува реципрочно признавање на возачките дозволи и со Косово.
 

Содржината е прочитана 73 пати.