Инфо

Први чекори за намалување на цените за роаминг меѓу Македонија и Грција

Македонскиот и грчкиот ресорен министер се договориле идниот месец да имаат средба во Македонија заедно со телекомуникациските оператори од двете држави за да се одреди временска рамка за да почне процедурата за намалување на цените

вторник, 26 јуни 2018

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски денеска во Софија се сретна со грчкиот министер за дигитална политика, телекомуникации и медиуми, Никос Папас при што се договориле заедно со телекомуникациски оператори од Македонија и од Грција следниот месец да одржат средба за конкретни решенија и одредување временска рамка за да започне процедурата за намалување на цените во роаминг меѓу двете држави.

Манчевски го информирал Папас за меморандумот за соработка и предвидените активности за намалување на цените за роаминг со Бугарија, како принцип којшто може да се примени и со Грција.

„Двајцата министри се согласија заедно со операторите од Македонија и Грција, да се сретнат во Македонија, крајот на следниот месец каде ќе се разговара за конкретни решенија и временска рамка за да започне процедурата за намалување на цените. Министерот Папас потенцираше дека ова ќе биде особено значајно за граѓаните, ако се има во предвид големиот број грчки и македонски граѓани кои патуваат во двете земји“, соопшти Министерството.

Министерот Манчевски истакнал дека станува збор за решение од кое ефектите ќе ги почувствуваат сите граѓаните, поради што постои цврста волја тоа да се реализира и во пракса, додека Папас, пак, се осврнал и на искуството на Грција во делот на дигитализација на администрацијата и на земјоделството.

Манчевски во Софија учествува на Дигиталното собрание 2018 со кое стартуваше Дигиталната агенда за Западен Балкан на Европската унија.

 

Содржината е прочитана 49 пати.