Инфо

Конкурс за стипендии „Борис Трајковски“ за постдипломски студии на „Шефилд“

Се доделуваат 20 стипендиите за академската 2018/2019 година за насоките: маркетинг, општ менаџмент, финансии, менаџмент во логистика, менаџмент во здравство и менаџмент на човечки ресурси, кои се дел од постдипломските студии на Програмата за бизнис администрација, МБА

вторник, 26 јуни 2018

Министерството за образование и наука информира дека во тек е конкурс за доделување на 20 стипендии „Борис Трајковски“ за студии од втор циклус на извршната програма за бизнис и администрација при „Сити колеџ“- Меѓународен факултет во Солун, кој е во состав на Универзитетот „Шефилд“ од Велика Британија. Пријавувањето трае до 20 јули оваа година.

Стипендиите се однесуваат за академската 2018/2019 година за насоките: маркетинг, општ менаџмент, финансии, менаџмент во логистика, менаџмент во здравство и менаџмент на човечки ресурси, кои се дел од постдипломските студии на Програмата за бизнис администрација, МБА

Со потпишаниот договор меѓу Кабинетот на претседателот на Република Македонија, Министерството за образование и наука и „Сити Колеџ“ се овозможува врвно образование за 20 кандидати финансирано од Владата на Македонија и од Меѓународниот факултет на Универзитетот „Шефилд“.

Вредноста на една стипендија е 14.890 евра и ги покрива трошоците за уписнина. Половина од средствата, поточно 7.445 евра ги обезбедува македонската Влада, односно, Министерство за образование и наука, а останатиот дел „Сити колеџ“. Сместувањето и другите дневни трошоци се на товар на кандидатот.

Сите заинтересирани кандидати дополнителни информации за условите, критериумите и потребните документи за аплицирање можат да ги најдат во конкурсот кој е објавен на веб-страницата на Министерството.

Стипендиите, традиционално, се доделуваат на 20те најдобри кандидати кои ќе се пријават на конкурсот и ги исполнуваат условите кои што се наведени во истиот, додека изборот на кандидатите ќе се изврши од страна на заедничка Комисија составена од потписниците на Протоколот.
 

Содржината е прочитана 54 пати.