Бизнис вести

И договорите за работа од дома ќе влезат во Законот за работни односи

Од Организацијата на работодавачи на Македонија посочуваат дека во Европа предност им се дава на договорите на определено време, а не на договорите на неопределено време

вторник, 26 јуни 2018

Во новиот закон за работни односи којшто се подготвува во Министерството за труд и социјална политика се предвидуваат измени во делот посветен на договорите за вработување.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека ќе има унапредување во овој сегмент и оти посебно внимание ќе биде посветено на договорите за работа од дома, кои како форма засега не се застапени во голем обем во Македонија.

„Развојот на техниката и технологијата, посебно користењето на онлајн работењето, особено работењето преку интернет, кое е се повеќе застапено во економските активности на приватните субјекти, налага ваквите договори да бидат се почести и системски препознаени и уредени. Ова е предизвик за секоја држава и на овие моменти се посветува посебно внимание при изготвувањето и носењето на новите законски решенија во рамки на новиот закон за работни односи, чија подготовка е започната. Притоа ќе треба да се внимава ваквата форма да не предизвика намалување на правата на работниците и нивна прикриена експлоатација“, истакна Јована Тренчевска, државен секретар во Министерството за труд и социјална политика на денешната дебата посветена на социјалната политика и вработувањето.

И другите договори, како што најави Тренчевска, ќе претрпат промени соодветни на динамичните промени и услови на пазарот на трудот.

Од Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) посочуваат дека во Европа предност им се дава на договорите на определено време, а не на договорите на неопределено време. Оттаму сметаат дека треба да биде многу поголема слободата на работните места и на договорите за вработување.

„Досега работодавачот можеше да склучи договор на определено време со работникот без некои специјални критериуми. Сега, тоа е стрикно наведено како замена на работник, неодложни нови работи, работа на проект до три години…. Во сите други случаи ако се отвара ново работно место, во предложениот закон е кажано дека после шестиот месец работникот треба да заснова договор на неопределно работно време. Тоа ќе ја намали мотивираноста на работодавачите да отвораат нови работни места. Европа не случајно ги промовира договорите на определно време повеќе отколку договорите на неопределено работно време“, изјави претседателот на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров.

Тој додава дека ваквите договори имаат одредени негативности, како на пример, сигурноста на работното место, но тоа, според него, креира нови работни места.

„Сигурноста на работните места треба да се обезбеди преку што полесно наоѓање ново работно место, а не преку законско ограничување дека работникот мора да заснова работен однос додека е жив. Треба да ги следиме трендовите во Европа, бидејќи пазарот на труд во Македонија не е ист како пред 20 години“, вели Димитров.

Учесниците на дебатата се согласни дека новите трендови на пазарот на труд налагаат новите флексибилни форми на вработување да бидат регулирани во реформите за работните односи во Македонија.

Пренесено од МИА
 

Содржината е прочитана 114 пати.