Инфо

Расте бројот на тендери со една, или без ниедна понуда

Извештајот од мониторингот на јавните набавки спроведени на локално ниво во периодот април – септември 2017 година, што го изготви Центарот за граѓански комуникации покажува дека процентот на поништени тендери ја достигнал највисоката граница во последните пет години

вторник, 26 јуни 2018

Расте бројот на тендери на кои има една, или, пак, ниедна понуда. Процентот на ваквите тендери е зголемен на дури 40 отсто, што е највисоко ниво во последните три години.

Ова се наведува во последниот Извештај од мониторингот на јавните набавки спроведени на локално ниво во периодот април – септември 2017 година што го изготви Центарот за граѓански комуникации.

Загрижува што во наведениот период продолжила тенденцијата да се јавуваат помалку од тројца понудувачи на локалните тендери, што претставува минимум за задоволување на принципот на конкурентност, па на тендерите се јавувале во просек по 2,8 понудувачи.

А, како практика, се наведуваат високиот процент на поништени тендери и одбегнување на електронската аукција. Во Извештајот се вели дека процентот на поништени постапки за јавни набавки се искачил на 20 отсто, достигнувајќи ја повторно највисоката граница во последните пет години. Во дури 50 отсто од поништените постапки, причина за поништување било немањето ниту една понуда.

Во извештајот се наведува дека електронската аукција се одржала само во 58 отсто од мониторираните тендери. Таа е успешна само кај набавките со поголема конкуренција, додека во другите е само формална и често изгледа како фирмите да се договараат како ќе настапат на аукцијата.
 

Содржината е прочитана 89 пати.