Инфо

Од јули стартува плаќање патарини со електронска картичка

Таканаречените смарт-картички ќе се купуваат на бензинските пумпи, на самите наплатни рампи, или на граница, ќе се надополнуваат за толку пари колку што ќе одлучи патникот, а надополнувањето ќе може да се врши преку мобилен телефон или лаптоп

вторник, 26 јуни 2018

Од јули патарините во Македонија ќе се плаќаат со електронска картичка. Таканаречените смарт-картички ќе се купуваат на бензинските пумпи, на самите наплатни рампи, или на граница.

Електронските картички ќе може да се надополнуваат за толку пари колку што ќе одлучи патникот, иако ќе има минимален износ на кредит кој ќе мора да се купи за картичката да функционира. Надополнувањето ќе може да се врши и со мобилна апликација, односно, преку мобилен телефон или лаптоп, а веќе од есен, во план е да се воведе и принципот на траен налог.

Од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека со воведувањето плаќање со смарт картичка треба да се забрза протокот и да се избегне застојот на наплатните рампи. За да се привлечат што поголем број граѓани да почнат да го користат електронскиот систем на наплата на патарините, од претпријатието појаснуваат дека оние кои кои ќе извадат паметна картичка ќе добијат попуст што ќе се однесува за секоја патарина.

„Поминувањето на патарините ќе биде многу побрзо и поефикасно и ќе се избегне метежот кој сега е проблем во некои делови. Практично, кога ќе поминете со картичката на системот, рампата веднаш ќе се отвори и воопшто нема да има застој“, велат од Јавното претпријатие за државни патишта.

Освен смарт-картички за електронска наплата на патарини граѓаните ќе можат да користат и тагови. Плаќањето со кеш ќе остане сѐ додека сите граѓани не почнат да користат картички, а надлежните се надеваат дека тоа ќе се случи најдоцна за три години. Се очекува до крајот на годинава на сите наплатни станици да може да се плаќа електронски.

Во февруари идната година ќе бидат готови и двете нови патарини на новиот автопат Демир Капија – Смоквица. Засега нема информација колку ќе се наплаќа.

 

Содржината е прочитана 171 пати.