Инфо

Град Скопје почна со реконструкција на Планинарскиот дом на Водно

Засега е решен проблемот со водоснабдувањето и во употреба е пуштен новиот тоалет, поставени се клупи, маси, летниковец, изработен е детски парк и поставени се корпи за отпадоци

понеделник, 25 јуни 2018

Град Скопје почна со реконструкција на Планинарскиот дом на Водно. Градските претпријатија ги обезбедија основните услови за престој во планинарскиот дом, а тоа значи дека е конечно решен проблемот со водоснабдувањето на домот и во употреба е пуштен новиот тоалет. Поставени се клупи, маси, летниковец, изработен е детски парк и поставени се корпи за отпадоци. Во наредниот период комплетно ќе се реконструираат покривот и внатрешните простории и ќе се постави нова опрема

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов ги повика државните институции и компаниите со општествена одговорност да се приклучат во реконструкцијата со цел, како што рече, Водно да прерасне во спортско-рекреативен и културно забавен центар.

„Градот Скопје на барање на планинарите одлучи да го уреди Планинарскиот дом на врвот на Водно. Овој Планинарски дом е викенд свратилиште за голем број рекреативци, планинари и спортисти, гордост на градот и едно од омилените места од кое Скопје може да се види како на дланка. Овој објект долго време беше оставен на грижата на извесен број ентузијасти од Планинарскиот спортски клуб ’Бистра’ и други љубители на планинарењето кои се грижеа за неговото одржување и покрај ограничените услови за негово нормално функционирање“, рече Шилегов.
 

Содржината е прочитана 59 пати.