Бизнис вести

Конзервните фабрики од Гевгелија ја почнаа новата производна сезона

Во погоните на петте гевгелиски конзервни фабрики се е подготвено за почеток на производството со суровини од кооперантите од регионот. Лани овие капацитети заедно произвеле преку 20 милиони единици стаклени тегли и лименки од кои поголемиот дел ги пласираа на странските пазари

понеделник, 25 јуни 2018

Петте конзервни фабрики од Гевгелија се подготвени за ново производство на своите производи од зеленчук и овошје познати како на домашниот, така и на странскиот пазар. Новата производна сезона веќе почна со приготвување на слаткото од зелени смокви во погоните на „ДИ-ЕМ“ од Негорци, каде се произведени 45 тони.

И во останатите погони се е подготвено за почеток на производството со суровини од кооперантите од регионот, со кои сите имаат склучено договори за откуп, како и за прифаќање на вишокот земјоделски производи и овошје. Лани овие капацитети заедно произвеле преку 20 милиони единици стаклени тегли и лименки од кои поголемиот дел ги пласираа на пазарите во земји на ЕУ, во САД, Канада и во Австралија.

Компанијата „Випро“ од Гевгелија прва ги воведе традиционалните домашни производи ајвар, пинџур, кечап, доматно пире и слатко од зелени смокви.

„Изминатава сезона ја завршивме со продукција на пет милиони стакленки и лименки со тежина од 95 грама до 2,5 литри. Споредено со претходната, имавме зголемување на производството од 10 отсто, колку што е проектирано и за оваа година. Нашата фабрика е извозно ориентирана и во тој правец расте извозот главно на пазарите во САД, Канада, Англија и земјите-членки на ЕУ, бидејќи пазарот во Македонија за нас е релативно мал“, вели генералниот менаџер на „Випро“, Виктор Петков.

Производствената програма на оваа компанија нуди богат избор квалитетни производи од пет групи, кои 100 процентно се изработуваат со суровини од домашно производство. Сепак, како што појаснува Петков, се поголемата конкурецнија на светскиот пазар, особено од фирми од соседните земји, го отежнува пласманот. Но, „Випро“ засега успева да се избори, конкурирајќи пред се со квалитетот, вкусот, но и гарантираната сигурност на своите производи.

Приближно иста продукција во 2017 година на производи од зеленчук и овошје имаа и фабриките „Вори“, „Пајдаков“ и „ДИ-ЕМ“ од Негорци, а нешто помала фабриката „Хина“ од Гевгелија.

„Лани призведовме околу два милиона стакленки и лименки од сите производи и некако упеавме да ги пласираме на пазарите од екс југословенските републики, земјите-членки на ЕУ и САД. Со суровини се снабдуваме исклучиво од кооперанти од Гевгелиско и дополнително од Струмица и Прилеп, ако има потреба. Во тој поглед проблем нема, но годинава најавувам намалување на производството за 30 отсто поради покачување на енергенсите“, вели директорот Томче Ќичуков.

 

Содржината е прочитана 33 пати.