Интервјуа

Многу ми е убаво да бидам словенечки амбасадор во Македонија

Интервју со Н.Е. амбасадор на Република Словенија во Република Македонија, проф. д-р Милан Јазбец. Со него разговаравме за неговата поетска книга „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“ промовирана на македонски и на словенечки јазик, за љубовта кон поезијата, неговата поврзаност со Македонија, за односите меѓу двете држави, како и за поддршката што ја дава Словенија на патот на нашата држава кон зачленувањето во ЕУ и во НАТО

недела, 24 јуни 2018

МАРИЛИ: Ваша Екселенцијо, неодамна беше промовирана Вашата поетска книга „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“ на македонски и на словенечки јазик. Дали пишувањето Ви е хоби, или можеби е нераскинлив дел од Вашиот живот, со оглед на тоа што веќе имате објавено 42 книги?
ЈАЗБЕЦ:
Ви благодарам за вашиот интерес за моето пишување! Ние дипломатите пишуваме, тоа е нашата основна вокација. Се разбира, пишуваме телеграми. Но, јас многу години сум бил новинар, книгите и пишаните зборови ме интересираат од најраните детски години. Пишувам затоа што тоа ме задоволува, за полесно да ја одразам реалноста и да бидам остварен и на литературно поле. Во последно време, откако дојдов во Македонија, се вратив во регионот, пишувам главно песни. Имам веќе неколку збирки. Испадна така што мојата 40. книга е двојазична збирка песни. Многу ми е мило заради ова, во неа има многу симболика, дури и мои лични искуства, и тоа многу ми значи. И, се разбира, моето пишување придонесува за улогата, значењето и популарноста на словенечкиот амбасадор во Македонија. Горд сум што создадов лични контакти и пријателства со големите имиња на современата македонска литература. Со тоа, поставуваме нови стандарди за дипломатско и писателско делување. 

МАРИЛИ: Вие сте дипломат, но пишувате многу, па покрај прозата и поезијата, автор сте и на бројни публицистички, научни трудови за дипломатијата кои се изучуваат на универзитетите во Словенија. Вашите книги се преведни на многу јазици. Во која „кожа“ се чувствувате подобро – како дипломат, или како писател?
ЈАЗБЕЦ
: Според мене, овие две улоги и позиции не можат да се одвојат, токму спротивното. Тоа е една голема креативна синергија, тоа се вибрации кои се зајакнуваат меѓусебно и мислам дека заради тоа сум подобар во двете области. Понекогаш ми се чини дека околу мене гледам сè како дипломат со студено, аналитичко око, а во исто време сето тоа се артикулира, според соговорникот или медиумот, преку љубовта кон книжевното творештво, нарацијата и симболиката. Се разбира, многу е важно секогаш да знаете кој го чита тоа што вие пишувате. Со кого разговарате и што му кажувате. Но, и двете можат лесно да се комбинираат. Меѓу големите имиња на светската литература има многу дипломати, и обратно. Мислам дека за еден дипломат е многу важно не само да знае добро да набљудува, туку да знае тоа што го гледа и анализира, исто така и брзо, јасно и лесно да го напише. Јас, пак успеав да го поврзам ова со чисто академска активност. Јас сум, исто така редовен професор по дипломатија и многу од моите книги се чисто научни, во нив размислувам за научните аспекти на дипломатијата во најразлични форми. Пред се, се занимавам со социолошкиот поглед на дипломатијата и развивам посебен вид на социологија, која ја нареков социологија на дипломатијата. Со ова сакам да кажам дека дипломатската работа нуди многу големи можности за создавање. 

МАРИЛИ: Пишувате страсно, од песните извира љубов. Љубов кон што и кон кого?
ЈАЗБЕЦ
: Добро прашање. На ова прашање правилно одговорил Раде Силјан во предговорот на мојата книга песни: „љубов кон саканата, кон предците и потомците, кон татковината“. Според мое мислење, редоследот мора да биде токму како што е напишан - затоа што тогаш едното расте од другото, е силно, непоколебливо и долгорочно. Потоа пишувате за тоа како живеете и што правите. Кога ќе ја земете мојата двојазична книга песни во раце, веднаш ќе видите што е суштината: сјајната ѕвезда и нејзината златна лавовска грива. Како што напишав во посветата на книгата, оваа мистична, но во исто време жива и вистинска инспирација има свое име, уметничкото име е Пенелопа. Тоа е инспирација, смисла, тоа е енергија и сето тоа се прелева во мојата работа и е составен дел на сè што правам и со што се занимавам. Тоа сум јас. Можеби звучи чудно, но и ние дипломатите сме сосема обични луѓе, преплавени од чувства, а понекогаш и од грижи. Ние сме сосема обични, само нашата работа е многу одговорна, бидејќи ги регулираме односите меѓу државите, што е изградено долгорочно и многу суптилно. И поради тоа, човекот лесно се согласува со книжевно творештво и со песни. Потешко е да се пишуваат песни, но е многу убаво. Понекогаш едвај можам да ги запишам, толку многу инспирација добивам одеднаш. И можеби не е чудно што моите песни имаат единствена форма, своја сопствена архитектура, која веројатно до одреден степен е одраз на мојата душа.

МАРИЛИ:. Во Македонија сте од 2016 година. Но, Вашата прва средба со нашата земја ја имавте многу години порано, служевте војска во Штип. Тоа веројатно значи дека со Македонија Ве врзуваат убави спомени. Што Ви се допаѓа, а што Ви пречи, наоѓате ли сличности меѓу македонскиот и словенечкиот народ?
ЈАЗБЕЦ:
Три важни средби ме поврзаа со Македонија, оваа преубава земја и пријателски настроени луѓе насекаде. Пред 55 години, кога имав седум години, Скопје беше погодено од катастрофален земјотрес и се сеќавам кога ги слушнав шокантните вести во живо на радио. Тоа беше нешто незамисливо за мене како дете и оттогаш знам за Македонија. Второ, кон крајот од трето одделение, како одличен ученик за награда ја добив книгата „Nabrekle zvezde“, напишана од еден ваш голем писател, Мето Јовановски. И, третата врска е служењето на воениот рок во Штип, во зима од 1981 до 1982 година. Тоа беше посебно искуство, убаво, го запознав вашиот јазик, кој лесно го разбирам, се запознав со културата и обичаите.Денес, заради тоа сум почесен граѓанин на Штип, што е ретка привилегија.
Се разбира, постојат многу сличности меѓу жителите на Македонија и на Словенија. Ние сме пријателски расположени, среќни, отворени и гостољубиви. Но, бидејќи и двата народа имаме тешка историја, понекогаш сме премногу претпазливи и неубедливи. Сепак, секој мој разговор на секаде во Македонија укажува на одличен афинитет и поврзаност. Накратко, многу ми е убаво да бидам словенечки амбасадор во Македонија, а јас сум шести по ред. И, се разбира, сето тоа е заедничка задача: да ја поддржиме вашата земја во развојот и зачленување во ЕУ и во НАТО.
Ми претставува посебно задоволство што Македонија направи значајни и важни чекори во изминатата година и постигна историски факт - таа ќе стане нова, 30-та членка на семејството на НАТО. Би сакал да им честитам на сите политички засегнати страни кои конструктивно придонесоа за овој настан и би сакал да им честитам и на македонските граѓани. Исто така, оптимисти сме за одлуката на земјите-членки на ЕУ на претстојниот Европски совет. Убедени сме дека земјите-членки на ЕУ ќе го вреднуваат напредокот и обновената динамика во земјата. 

МАРИЛИ: Македонија и Словенија имаат традиционално пријателски односи. Словенија беше првата држава што отвори своја амбасада во Скопје, а првата македонска амбасада беше отворена токму во Љубљана. Соработката меѓу двете држави и натаму е одлична, словенечките инвеститори покажуваат голем интерес за инвестирање. Во кои области најмногу се соработува, а каде има простор за унапредување на односите?
ЈАЗБЕЦ:
Мислам дека многу малку земји имаат толку добри односи како Словенија и Македонија. Тоа е условено историски, културно, но исто така, на лично ниво. Секој ден се среќавам со некој што е поврзан со Словенија: роднинска врска, воена служба, пријатели од студентско време, бизнисмени и културни дејци... Во 1913 година д-р Јосип Скоберне дошол во Битола и помогнал да се изгради општинската администрација. Во годините пред Втората светска војна, епископот Гнидовец ја зајакнувал католичката вера во Македонија. Еден од најпознатите словенечки писатели, Лојзе Ковачиќ 30 години пред мене служел воен рок во Штип, а за тоа напишал импресивен роман „Resničnost“. Имаме единствен пример во светот, а тоа се словенечките и македонските банкноти кои по осамостојувањето беа дизајнирани од брачниот пар, Словенецот Руди Шанзел и Македонката Билјана Унковска. Секој за својата земја. Импресивно.
Економските врски се многу силни, трговската размена на стоки е околу 300 милиони евра. Но, тоа е многу помалку отколку што имаме можности. Во април 2017 година во Скопје организиравме средба на најголемите словенечки и македонски бизнисмени и заедничкиот заклучок беше дека е можно и оти размената треба да се зголеми на половина милијарда евра за неколку години. Двете влади мора да го направат своето, а и стопанствениците исто така. Она што е најмногу потребно е здрав економски развој и просперитет. Оваа амбиција беше потврдена со неодамнешната посета на словенечкиот премиер, д-р Церар. Повеќето можности се од областа на екологијата, енергијата, земјоделството и дигиталните технологии. Многу соработка има во областа на банкарството (НЛБ Скопје е најдобра банка во целата група на НЛБ), осигурувањето, сите ги познаваме компаниите ТАБ МАК Пробиштип и ЛТХ Охрид... Потоа туризмот, термалните води, разни мали семејни бизниси...

МАРИЛИ: Вашата Екселенција беше почесен гостин на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери во Република Македонија за 2017 година“, што агенцијата „Марили“ ја организира цели 22 години. Може ли накусо да ги споделите Вашите впечатоци од настанот?
ЈАЗБЕЦ:
Морам да ви честитам за одличниот настан и за долгата традиција, ме воодушевивте и уште еднаш Ви благодарам за поканата. Спроведувате исклучително важна мисија, ова е апсолутно очигледно. Нема многу такви случаи. Вашата група од врвни женски претприемачи е голема и влијателна мислителна група во Македонија, нејзиното влијание врз сеопфатниот развој на земјата и, пред се, економијата. Обидете се да го проширите вашиот избор, да мотивирате што поширок круг жени од различни професии, социјални и етнички групи. Во тоа е вашата сила и големата предност. Бев лично и професионално среќен кога, во својот говор ме поздрави вашата наградена од прилепска „Витаминка“, Наташа Стојковска. Пред некое време ги посетив и само го потврдија мојот впечаток дека има многу успешни, здрави и високо конкурентни компании во Македонија. Не само како дипломат, туку и како поранешен бизнисмен тоа многу ме усреќува.
Пред нешто повеќе од 10 години во словенечкото МНР спроведовме сеопфатно истражување за еднакви можности во словенечката дипломатија. Јас бев раководител на аналитичката служба и носител на проектот, а беа вклучени и неколку надворешни институции. Беше создадена одлична монографија која во голема мера ни помогна во изградбата на словенечката дипломатија.

МАРИЛИ: Дали и во Словенија постојат организации кои како „Марили“ се посветени, пред се, на жената, на нејзината улога во општеството, на нејзиното место во бизнисот, во претприемништвото, но и во политиката и во носењето одлуки? На кое ниво е женското лидерство во Вашата држава?
ЈАЗБЕЦ:
Во Словенија немаме слична организација како „Марили“, која е нешто посебно во поглед на мисијата, а, пред сè, во однос на резултатите коишто се прикажуваат во над 20 години постојана, конзистентна и успешна работа. Но, во Словенија има многу форми на здружувања и асоцијации на жени, На пример, во здружението „Менаџер“ постои женска секција, постои и асоцијација на студенти по бизнис науки на Економскиот факултет на Универзитетот во Љубљана, т.н. Мета список го следи појавувањето на жените во медиумите и секако, проектот „500 жени претприемачи“ веќе неколку години ги поврзува жените претприемачи во главно мали и микро претпријатија. Сето оваукажува на свеста за важноста на промовирање на жените во претприемништвото и нивниот развој.Можам слободно да кажам дека во словенечкото општество постои голема свест за значајот на жените и нивниот успех. Дури словенечкиот комесар во Европската комисија е успешната претприемачка Виолета Булц.

МАРИЛИ: Дали е возможна соработка и размена на искуства меѓу вакви организации од Македонија и од Словенија, има ли можности за реализација на заеднички проекти и манифестации каде во фокусот е жената?
ЈАЗБЕЦ:
Таквата соработка е дефинитивно возможна и вашата иницијатива е пофална. Ќе ни претставува задоволство ние како амбасада да помогнеме околу ова. Еден вид таква соработка е веќе сведок на меѓувладиниот словенечко-македонски проект „Еднаквост на жените“.

 

Содржината е прочитана 529 пати.