Инфо

ССК: „Еднаков третман на јавното и на приватното здравство“

Од Сојузот на стопански комори на Македонија се залагаат за тоа да им се даде можност на приватните здравствени установи кои немаат договор со ФЗО да се вклучат во економските програми за финансиска поддршка

петок, 22 јуни 2018

Еднаков третман при инвестирање во јавните и приватните здравствени установи (ПЗУ) кои се дел од здравствената мрежа и имаат склучени договори со Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), можност за вклучување на приватни здравствени установи кои немаат договор со ФЗО во економските програми за финансиска поддршка, како и потреба од понепосредна и подинамична имплементација на проектот „Учиме од бизнис заедницата“, се дел од мерките кои ќе го подобрат работењето на приватните здравствени установи во земјава. Ова беше истакнато на денешната прес конференција на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК).

Д-р Борислав Јосифовски, член на Управен одбор и претставник на приватните здравствени установи во Сојузот, посочи дека во консултација со членовите на Групацијата на приватно здравство ја користат приликата за ревизија на постоечките решенија и пракси. Тој смета дека, во насока на зголемување на квалитетот на здравствените услуги потребно е, покрај останатите сектори да се поддржи и развојот на приватното здравство.

„Според постоечката состојба во здраствената мрежа изготвена од Министерството за здравство, во моментов над 70 отсто од вкупниот број здраствени установи се во приватниот сектор и се разликуваат од јавниот сектор (ЈЗУ) исклучиво по сопственоста, која е приватна, за разлика од јавниот сектор каде основач е Владата. Но, во извршување на својата дејност и двата сектори доколку се потписници на договори со ФЗО обавуваат јавни функции за граѓаните. И покрај тоа што ПЗУ и ЈЗУ се еднакви пред законот, сепак, досегашното искуство, за кое и јавноста е сведок, говори дека инвестициите во здраството во изминатите 25 години , а кои се на товар на буџетот или на ФЗО, се исклучиво наменети за јавниот сектор“, изјави Јосифовски.

Тој додаде дека е потребно сериозно да се разгледа можноста за вклучување на приватни здравствени установи кои немаат договор со ФЗО во економските програми за финансиска поддршка.

„Во понудениот план за економски раст не е опфатен здравствениот сектор, кој како и останатите стопански гранки генерира, средства во буџетот. Треба да бидат препознаени и вклучени во мерките на Планот за економски раст и здраствените установи во кои доминантно се даваат услуги на странски државјани, што би значело поттик во имплементацијата на нови медицински доктрини и технологии, како и во подигањето на нивото на здраствени услуги и на домашен план“, рече Јосифовски.

За подобрување на комуникацијата и реализација на одредени проблематики, тој ја истакна важноста од понепосредна и подинамична соработка на ПЗУ со ресорните владини институции, нешто што веќе постои во рамките на проектот „Учиме од бизнис заедницата“.

 

Содржината е прочитана 58 пати.