Инфо

За плата до 60.000 денари ќе се плаќа 10 отсто персонален данок, за повисока - 18 проценти

Министерството за финансии подготвува и повисока, единствена даночна стапка од 15 отсто за доходот остварен од интелектуална сопственост, закуп и подзакуп, капитал, капитални добивки, игри на среќа и осигурување, како и нов данок на каматите кои граѓаните и фримите ги добиле од своите заштеди во банките, доколку добивката е над 15.000 денари годишно

петок, 22 јуни 2018

Граѓаните кои имаат бруто годишен приход до 720.000 денари, што претставува 60.000 денари месечно во просек, од наредната година ќе плаќаат персонален данок на доход во висина од 10 отсто, додека за оние кои земаат над тој износ, поточно повеќе од 720.001 денар, даночна стапка ќе биде 18 проценти за делот на доходот над овој износ.

Ова го предвидува работната верзија на новиот Закон за персонален данок на доход, до која дојдоа некои медиуми, а со кој Владата на почетокот на 2019 година, како што и најави, ќе го воведе прогресивен данок.

Како приходи кои ќе се оданочуваат ќе се сметаат месечната плата од редовната работа, од самостојна дејност, но и приходите од договори на дело, од авторски и сродни права, од членство во надзорни и управни одбори, од продажба на сопствени земјоделски производи.

И, додека воведувањето на прогресивното оданочување беше само прашање на време, бидејќи беше најавено, иако и натаму останува дилемата за висината на прагот над кој истото ќе се спроведува, изненадување претставуваат две нови даночни стапки, кои досега или воопшто ги немаше, или беа пониски.

Станува збор за воведување данок со единствена стапка од 15 отсто за доходот остварен од интелектуална сопственост, закуп и подзакуп, капитал, капитални добивки, игри на среќа и осигурување. Оваа даночна стапка сега е 10 проценти.

Исто така, како што објавуваат медиумите, најверојатно од 2020 година граѓаните и фирмите ќе плаќаат данок и на каматите кои ги добиле од своите заштеди во банките, доколку нивната добивка изнесува над 15.000 денари годишно. Сега воопшто не се плаќа данок на каматите од штедните влогови.

Од Министерството за финансии засега нема официјална реакција на ваквите тврдења. Единствено се посочува дека конечните решенија уште не се донесени и оти допрва ќе се правела темелна анализа за фер даночна политика.

Инаку, во Македонија во моментов има рамен данок од 10 отсто кој се плаќа за сите приходи што се остваруваат во текот на годината, односно, оваа стапка се плаќа и за персоналецот и за данокот на добивка. Рамниот данок беше воведен на почетокот на 2007, додека претходно имаше прогресивни стапки, кои се менуваа повеќе пати.
 

Содржината е прочитана 82 пати.