Инфо

Петре Шилегов ќе побара од Владата да му ја врати на Град Скопје топловодната мрежа

Градоначалникот очекува Регулаторна комисија за енергетика од август да ги почне постапките за доделување на лиценците за Производство, Диструбуција и Снабдување коишто сега ги поседува БЕГ

петок, 22 јуни 2018

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов ќе побара од Владата да му ја врати на Градот топловодната мрежа, а очекува Регулаторна комисија за енергетика од август да ги почне постапките за доделување на лиценците за Производство, Диструбуција и Снабдување коишто сега ги поседува БЕГ. Шилегов вели дека се обидува да му го врати на Скопје тоа што било одземено во последните 30 години.

„Не навлегуваме во ничие туѓо право на лиценците. Тоа што инсистирам е топлификациската мрежа, која и е дадена на користење на компанијата Балкан енерџи груп (БЕГ), да се врати таму каде што е сопственоста, а тоа е Град Скопје“, рече градоначалникот.

Според Шилегов мрежата е сопственост на Градот, бидејќи граѓаните партиципирале во нејзината изградба на тој начин што, како што потенцираше, со плаќањето на приклучоците и услугите, практично ја имаат изградено таа мрежа.

Тој најави дека новото градско јавно претпријатие ќе работи по нов терк кој ќе овозможи поевтинување на парното греење за потрошувачите .

„Ги подготвуваме перформансите во текот на наредниот месец да ги основаме неопходните правни субјекти за да можеме во август да побараме од Регулаторната комисија да започне постапка за издавање лиценци и на претпријатието кое се занимава со дистрибуција на топлинска енергија и на претпријатието кое се занимава со гасификација“, истакна Шилегов.

Тој појасни дека планот е по добивање на мрежата истата да се поврзе со онаа во Скопје Север.

„За мене е приоритетно откако ќе ја добиеме мрежата да направиме поврзување на целокупната мрежа со Топланата ’Скопје-Север’ која е изолирана околу два километри. На тој начин ќе имаме можност да купуваме топлинска енергија од повеќе производители кои се наоѓаат во Скопје, а тоа ќе овозможи да ја намалиме и цената на услугите“, рече Шилегов.
 

Содржината е прочитана 46 пати.