Инфо

Владата се подготвува за договор за соработка со „Мајкрософт“

На средбата на премиерот Зоран Заев со делегација на компанијата предводена од најзиниот претседател за Централна и Источна Европа, Филип Рог било посветено внимание на можностите што „Мајкрософт“ може да ги понуди на полето на сајбер безбедноста, како и за потребата од компатибилност на безбедносните системи и протоколи со оние на НАТО и на ЕУ

четврток, 21 јуни 2018

Премиерот Зоран Заев и Филип Рог, претседател на „Мајкрософт“ за Централна и Источна Европа денеска разговарале за финиширање на подготовките започнати во Давос годинава, а кои треба да се преточат во договор за соработка на Владата со „Мајкрософт“.

„Во разговорот беше истакнато дека воведувањето модерна и технолошки напредна инфраструктура и со соодветно обучена администрација и пријателски дигитални услуги се предност и кога станува збор за привлекување на директни странски инвестиции, како и за приватните компании во земјата, на кои ќе им биде максимално олеснета комуникацијата и извршувањето на работите на инвеститорите низ дигитализираните процедури“, соопштија од владината прес служба.

Посебно внимание на денешната средба била посветена на можностите што „Мајкрософт“ може да ги понуди на полето на сајбер безбедноста, за да се обезбедат владините комуникации и за да се реагира на сајбер нападите брзо, одговорно и ефикасно, како и за потребата од компатибилност на безбедносните системи и протоколи со оние на НАТО и на ЕУ.

Од Владата информираат дека од „Мајкрософт“ потенцирале дека се запознаени и со внимание ја следат имплементацијата на владините програми за поддршка на ИТ компаниите и дека се подготвени да земат учество во поддршка на стартап компаниите и акацелераторите во бизнисот со информатичка технологија.
 

Содржината е прочитана 39 пати.