Култура

Вечерва се отвора фестивалот „Скопско лето“

Фестивалот ќе биде отворен со два израелски концерта, на пејачката Дадо Дганит и на флејтистката Хефциба Зер Авив, во знак на одбележување 70 години независност на Израел

четврток, 21 јуни 2018

Вечерва во Македонската филхармонија се отвора фестивалот „Скопско лето“, кој ќе се одржува на 20-ина локации низ Скопје, а традиционално ќе трае до 31 јули.

Фестивалот со свој концерт ќе го отвори Дадо Дганит, позната пејачка и член на Националниот театар на Израел „Хабима“. Почетокот е закажан за 20,30 часот. Дганит има објавено шест албуми, а на светските музички фестивали настапува на повеќе јазици: хебрејски, француски, шпански, арапски, како и на ладино – јазикот на сефардските Евреи. Нејзиното гостување го организира Дирекцијата за култура и уметност-Скопје со поддршка од Амбасадата на Израел во Македонија.

Во вториот дел од вечерашниот концерт ќе настапи водечката флејтистка во Израел, Хефциба Зер Авив, која свири на повеќе од 20 видови флејта и претставува уникатен и спектакуларен мозаик од израелски и медитерански егзотичен стил на свирење на овој инструмент.

Со овие концерти, всушност, ќе бидат одбележани 70 години независност на Израел.

Во 40-те фестивалски дена на „Скопско лето“ најавени се околу 50 настани – театарски претстави, концерти од различни жанрови, програми за деца, десетина изложби со домашни и со ликовни уметници од странство, промоции на книги, а од 12 јули во Сули ан ќе ја има и редовната филмска содржина „Кафе кино“.

Фестивалот е поддржан од Град Скопје, Министерството за култура и од странски културни центри и амбасади.
 

Содржината е прочитана 37 пати.