Инфо

Граѓанските здруженија ќе ги мониторираат јавните набавки

Владата ги повика сите невладини здруженија и организации да се вклучат во процесот на јавните набавки од самиот почеток и во сите фази на одлучување и спроведување на постапката, до склучување на договорот со избраните понудувачи

среда, 20 јуни 2018

Владата ги повика сите граѓански организации во земјава да се вклучат во мониторингот на јавните набавки за да бидат целосно заштитени од можности за злоупотреби. Невладините ќе можат да се вклучат во процесот од самиот почеток и во сите фази на одлучување и спроведување на постапката за јавна набавка до склучување на договорот со избраните понудувачи.

„Правиме уште еден сериозен чекор во отвореноста и транспарентноста кон граѓаните и сите оние кои имаат интерес да ги следат постапките и процедурите во насока на целосна контрола врз начинот на кој Владата ги троши парите на граѓаните“, рече министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски на денешната прес-конференција во Владата.

Тој посочи дека склучените договори за сите актуелни тендерски постапки се објавуваат на веб-страницата на Бирото за јавни набавки, а тоа, како што кажа, отфрла секаков сомнеж за тоа како се спроведуваат постапките и кои се причините зошто е склучен определен договор со определена фирма.

Овој систем веќе функционира во Министерството за здравство, каде претставници на граѓанските организации се вклучени дури и во постапките на подготовка на тендерската документација.

„Во Министерството за здравство ги отворивме вратите за граѓанските организации за да членуваат во сите стручни комисии при подготовка на количините на лекови за одредена тендерска постапка. Во сите досегашни постапки на подготовка на тендерските документациии за типот на лекови и количината, присутни се сите здруженија во кои има пациенти кои се директно засегнати“, рече министерот за здравство, Венко Филипче.

Подготвеност за отвореност во набавките покажа и државната ЕЛЕМ, каде веќе се направени првите чекори во оваа насока и веќе е одржан состанок со група невладини организации. Директорот Драган Миновски вели дека во процесот е потребно партнерство, доверливост и неизнесување на податоците на трети страни до крајот на постапката, со цел да не се наштети на конкурентноста во неа.

Првиот човек на владината Служба за општи и заеднички работи, Пеце Мирчевски потенцира дека сите јавни набавки кои ги прави Службата ќе се реализираат со строго почитување на законските процедури, водени од начелата на транспарентност и отчетност, елиминирајќи ја можноста за мито и корупција и за местење на тендерите. Тој нагласи дека во иднина во постапките нема да има практики на провизии и приоритетни добавувачи.

 

Содржината е прочитана 42 пати.