Култура

Центарот за современа ликовна уметност–Прилеп стартува со Интернационалните ликовни работилници

Во рамки на работилниците што ќе се одржуваат од 24 јуни до 4 јули годинава ќе има Интернационална сликарска колонија, Интернационален скулпторски симпозиум „МЕРМЕР“, Интернационално студио за пластика во дрво, Интернационално атеље за скулптура во метал и Интернационално атеље за уметничка фотографија на ЦСЛУ-Прилеп

среда, 20 јуни 2018

Центарот за современа ликовна уметност – Прилеп во недела, на 24 јуни стартува со Интернационалните ликовни работилници кои ќе се одржуваат до 4 јули оваа година. Во рамки на работилниците ќе има Интернационална сликарска колонија, Интернационален скулпторски симпозиум „МЕРМЕР“, Интернационално студио за пластика во дрво, Интернационално атеље за скулптура во метал и Интернационално атеље за уметничка фотографија на ЦСЛУ Прилеп.

Посебен акцент годинава ќе биде ставен на 55-годишното опстојување на Интернационалниот скулпторски симпозиум во мермер, кој првпат бил одржан во1963 година и трае до денес. Овој јубилеј ќе биде одбележан на 29 јуни.

На симпозиумот оваа година ќе земат учество Giuseppe Strano Spitu – Шпанија, Марина Стопоња – Хрватска, Татјана Каравелиќ – Србија, Милија Стојановиќ – Црна Гора, од Македонија Давид Атанасоски и Никола Смилков, кој е дел од организацијата на 55. Интернационален скулпторски симпозиум „МЕРМЕР“.

Кога се говори за историјата и почетоците на Интернационалните скулпторски симпозиуми, неизбежно е да се спомне Движењето на Интернационалниот скулпторски симпозиум, предводено од Карл Прантл во Австрија во 1959 година. Оваа иницијатива се зголемува заедно со потребата од полесна комуникација и размена помеѓу меѓународната скулпторска заедница. Па така, првиот Интернационален скулпторски симпозиум се одржува во напуштен каменолом во Санкт Маргаретен, во Бургенланд, каде се собираат скулптори од целиот свет за да создадат постојано јавно уметничко творештво од локален камен, динамика која ќе обезбеди модел за многу симпозиуми кои следат. 

„Од тогаш наваму се одржуваат скулпторски симпозиуми во многу градови низ целиот свет, а ние можеме со гордост да потенцираме дека токму нашиот Интернационален скулпторски симпозиум „Мермер“ – Прилеп, е еден од првите во светот. Поточно, во 1963 година, шест години по формирањето на првата Интернационална сликарска колонија, се појавува желба, како и потреба за организирање нова ликовна манифестација во Прилеп. Низ манифестацијата во текот на овие 55 години имаат поминато 164 скулптори од Македонија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Италија, Романија, Унгарија, Полска, Баку, Русија, Португалија, Германија, Швајцарија, Шведска, Холандија, Англија, Франција, САД, Јапонија, Аргентина, Канада, Австралија и од Израел“, велат организаторите од ЦСЛУ.

Во Интернационалното атеље за скулптура во метал годинава ќе учествува нашиот скулптор Маријан Стојаноски, додека Интернационалната сликарска колонија со дела ќе ја збогатат сликарите Ивана Настевски, Ѓоко Антониев, Наде Тоскоска, Драшко Михајлоски, Лепа Милошеска, Елизабета Макеска, Александра Богоеска, Анита Сотироска, Верче Николоска, Маја Најдоска, Емилија Ѓорѓиоска, Александар Џинго, Павлина Илиеска, Васил Костов Во Интернационалното студио за уметничка фотографија, пак, ќе творат Јане Темелковски и Божидар Барлакоски, додека на Интернационалното студио за пластика во дрво Методи Исков, а изненадување ќе биде реализацијата на идејата на нашиот прилепчанец Емил Димоски.

Творците ќе имаат 10 дена уметничко дружење и творење. Десет дена уметност која останува и ќе ги потсетува наредните генерации за постоењето на Центарот за современа ликовна уметност - Прилеп.

Главни виновници за постоењето на ЦСЛУ се проф. д-р Бошко Бабиќ и академскиот сликар проф. Ристо Лозановски и нивната идеја и желба да се внесе ликовната уметност во средината во која живееме. Идејата се раѓа есента 1956 година, за конечно да се реализира 1957 година, со формирање на Центарот за современа ликовна уметност и во негови рамки првата ликовна манифестација во Прилеп, сега веќе една од најстарите ликовни колонии на Балканот и во Југоисточна Европа. Центарот се развива со текот на годините за на крај да се претвори во угледна општествена организација во земјава и надвор од неа.

Колекциите на ЦСЛУ во Прилеп овозможуваат избор на најразновидни експозиции од областа на сликарските и вајарските дисциплини. Творците од различни ликовни средини од земјава, Европа и од другите континенти, во текот на годините за време на летните сеанси создаваат творби со кои ја збогатуваат ликовната уметност и ризницата во Прилеп. Во текот на постоењето ЦСЛУ имал учесници од Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Босна, Австрија, Полска, Израел, САД, Белгија, Унгарија, Русија, Бугарија, Франција, Швајцарија, Англија, Норвешка, Јапонија, Романија, Германија, Шведска, Италија, Финска, Португалија, Грција, Мексико, Сенегал, Алжир, Ирак, Турција, Австралија, Куба, Аргентина, Албанија, Кипар, Кина, Малезија и Египет.

„Во посебните многубројни признанија што ги доби ЦСЛУ за својата работа, посебно место имаат неговите збирки кои се високо оценети во македонски и меѓународни рамки. Во текот на нашето постоење се стремиме кон зголемување на консументите на културниот производ, како и кон регрутирање нови консументи меѓу младата популација. Истовремено се залагаме и за целосна заштита на културните објекти“, велат од Центарот за современа ликовна уметност од Прилеп.

 

 

Содржината е прочитана 248 пати.