Интервјуа

Интервју со господин Сашо Смилевски, генерален менаџер на параглајдерскиот клуб „Вертиго“

Параглајдерството е спорт во кој секој може да си го најде своето место, без разлика дали е тоа туристичко летање со тандем, рекретивно или натпреварувачко летање. Чуството што ве обзема притоа е индивидуално и никој не може да ви го раскаже и долови, единствена опција е да пробате.

МАРИЛИ: Господине Смилевски, кога се роди Вашата љубов кон параглајдерството и што претставува тоа за Вас?
СМИЛЕВСКИ:
Мислам дека љубовта кон летањето отсекогаш сум ја имал, се сеќавам дека како дете правев модели на авиончиња и ги летав на спортскиот аеродром, но подоцна се роди и желбата сам да летам, па така почнав и самиот да летам со параглајдер.
Денес, параглајдерството е мојот живот, мојата опсесија, ова го работам професионално и навистина е прекрасно да го споите задоволството со професијата. Во оваа работа мора да бидете голем професионалец со многу одговорност поради тоа што се работи за несекојдневна работа, сепак летањето со параглајдер е екстремен спорт. Ме исполнува работата со новите студенти, да им пренесам сѐ што е потребно да знаат за безбедно и добро летање.

МАРИЛИ : Кои правила и принципи треба да се почитуваат за да се биде параглајдерист?
СМИЛЕВСКИ:
Параглајдерството е спорт во кој секој може да си го најде своето место, без разлика дали е тоа туристичко летање со тандем, рекретивно или натпреварувачко летање. Чуството што ве обзема притоа е индивидуално и никој не може да ви го раскаже и долови, едиствена опција е да пробате. Знаејќи го ова Вертиго на сите заинтересирани им ја дава оваа можност. Принципите се многу едноставни, авантура, адреналин, големо пријателство. Воведниот час како дел од обуката е бесплатен, по ваквиот час секој може да си одговори на прашањето дали овој спорт е за него. Но, едно со сигурно можам да кажам параглајдерството ќе ви го промени животот засекогаш, на подобро серазбира :)

МАРИЛИ: Адреналинот е она што е основа на овој спорт, колку е ризичен и опасен?
СМИЛЕВСКИ:
Да, би се сложил со вас дека адреналинот е основа на овој спорт, но има и други причини заради кои луѓето се занимаваат со параглајдерство, меѓу кои се и исконската желба на човекот да се вивне во височините како и предизвикот да се натпреварува со силите на природата.
Спортот е онолку ризичен колку што самиот пилот ќе се доведе во таква ситуација. Сакам да кажам дека денешната опремата за летање е супер безбедна и дека секоја опрема е лиценцирана и проверена од институти кои се занимаваат со таа работа. Денес, параглајдерите се доведени до ниво на совршенство, многу се безбедни, а школските центри постојат за да ги научат пилотите како правилно да ги користат.

МАРИЛИ: На кои натпревари во Македонија и светот сте учествувале?
СМИЛЕВСКИ:
Најискусните членови на клубот учествуваат и на домашни и на интернационални натпревари. Секоја година во Македонија се организираат лига натперавари и државно првенство. Најдобро рангираните на овие натпревари ја сочинуваат Македонската параглајдерска репрезенатација и ја преставуваат Македонија на европските и светските првенства.Четворица членови на Вертиго веќе 3 години се и членови на параглајдерската репрезенатација. Јас лично сум учествувал на многу домашни државни и лига натпревари, на повеќе меѓународни натпревари како и на две европски првенства во Морзине - Франција и во Калаврита-Грција на кои имаме одлични резултати во екипна конкуренција.


МАРИЛИ: Какви се впечатоците на странците кои доаѓаат да летаат во Македонија?
СМИЛЕВСКИ:
Прекрасните планини, нивната поврзаност и релативно брзата комуникација до полетувалиштата овозможуваат Македонија да биде една од најповолните земји за летање со параглајдери. Многу е интересно тоа што многу европски држави своите државни првенства ги организираат токму во Македонија поточно во Крушево. Оваа година во летнот период ќе се одржат Британското отворено првенство, Унгарското и Полското државно првенство, како и неколку помали интернационални купови.
Најчесто користени терени за летање се Водно каде што се стигнува до самото полетувалиште со новата жичница и можам да кажам дека е многу атрактивно поради тоа што се лета над самиот град Скопје. Во близината на Скопје поточно на северната страна се наоѓа и планината Скопска Црна Гора со височина на полетувалиштето од 1500 метри со прекрасна природа и преубав поглед кон главниот град. Други места кои ги користат странските и домашните параглајдеристи се и Шар Планина со своите алпски карактеристики, Пониква крај Кочани, Крушево од Мечкин Камен. Посебно би го одвоил Охридско-Преспанскот регион со своите прекрасни планини Галичица и Јабланица како еден од најпосетуваните места на параглајдеристите од цел свет. Овде се организираат и летови со тандем параглајдер за туристи кои сакаат убавините на Македонија да ги видат од една друга перспектива, летајќи како птица.

МАРИЛИ : Дали Македонија е на мапата за добри терени за летање со параглајдер и дали овој спорт привлекува туристи во државава?
СМИЛЕВСКИ:
Секако дека Македонија е на мапата на добри, би рекол најдобри, терени за летање со параглајдер. Огромен број туристи параглајдеристи ја посетуваат нашава земја секоја година. Оваа година сме во контакт со CROSS COUNTRY еден од водечките светски параглајдерски магазин, да ја посети Македонија и да ја претстави пред светската параглајдерска јавност.
Напорите кои клубот Вертиго ги вложи изминативе години беа насочени кон популаризација и омасовување на овој спорт во Македонија. Видливи резултати се покажуваат дури сега, во последниве 2 години. Тој план останува и за во иднина.
Втора работа по приоритет на која ќе се сконцентрираме наредниве години е уште поголема популаризација на Македонија како земја примамлива за странските параглајдеристи. Организиран и турисоводич низ местата за летање е одличен избор за активен одмор на секој параглајдерист.

МАРИЛИ : Колку години постои Вашиот клуб, колку членови брои и какви подготовки требада се поминат за се стане член или вљубеник во летањето со параглајдер?
СМИЛЕВСКИ:
Клубот за параглајдерство Вертиго е создадено oд група ентузијасти и вљубеници во авантурата пред повеќе од 13 години. „Авантурата никогаш не престанува“ е мотото кое нѐ водеше низ сите поминати години, па сѐ до денес. Започнавме како мала група од десетина параглајдеристи и низ годините, сѐ до денеска стигнавме до навистина голем број членови, можеби повеќе од 70 активни пилоти и уште толку поддржувачи. Денес, Вертиго функционира како клуб за слободно летање со параглајдери, неговите членови учествуваат на бројни домашни и меѓународни натпревари, исто така Вертиго е и лиценциран школски центар за обука на нови пилоти на параглајдер со неколку лиценцирани инструктори. За да се стане член на нашиот клуб, пред сѐ треба да имате голема желба за авантура, а потоа да се запишете и да го завршите школото по параглајдерство и да се стекнете со дозвола за параглајдер која ја издава Агенцијата за цивилно воздухопловство.

За сите читатели на Бизнис каталог на РМакедонија во издание на агенцијата „Марили“, а кои сакаат ова лето да летаат со тандем параглајдер во Охрид, доделуваме ваучери со попуст од 5% на сите програми за кои може да се информирате на нашата веб страна www.paraglidingohrid.com.
 

Содржината е прочитана 728 пати.