Инфо

За еден месец ќе се знае колку ќе чини изградбата на автопатот Кичево – Охрид

Во овој период треба да заврши препроектирањето на повеќе позиции кое предвидува и нова експропријација на земјиште

вторник, 19 јуни 2018

Колку ќе чини изградбата на автопатот Кичево – Охрид ќе се знае за околу еден месец откако ќе заврши препроектирањето на повеќе позиции, а со што ќе мора да има и нова експропријација на земјиштето. Во меѓувреме ќе се прават обиди да се пренаменат 220 милиони евра колку што има на сметката на ЕКСИМ банка.

„Кога ќе заврши препроектирањето во следниве 15-20 дена ќе имаме точна слика колку ќе треба експропријација. Сега зборуваме за приватни земјишта. Обештетувањето го плаќа Јавното претпријатие, но проценката ја прави државниот проценител. Во моментов имаме пари, но и немаме. Тоа значи дека на сметка имаме 220 милиони евра, но сега ќе бараме од Собранието да ни се дозволи од една намена да ги трошиме за друга, како што тече динамиката на градежните работи“, вели директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов.

Тој додава дека доколку се работи според постоечкиот проект, нема да бидат потребни толку многу пари, но тогаш патот ќе биде неупотреблив.

„Треба да изградиме минимум осум клучки што ќе ги опслужуваат луѓето од Кичево до Охрид, а ќе чинат околу 30 милиони евра. Како што е сега проектиран патот, од Кичево до Охрид не ќе може ниту да се качите, ниту да се симнете. Мора да има и сервисни патишта, за да можат луѓето да одат од едната на другата страна на патот до своите ниви. Моментално во проектот нема такви патишта“, појаснува Китанов.

Сепак, според директорот, најмногу пари ќе бидат потребни за изградба на тунелот, кој ќе чини многу повеќе отколку што било пресметано, бидејќи се гради на земјиште од петта и шеста категорија, а геомеханичките испитувања биле правени на земјиште од втора и трета категорија.

Китанов вели дека сега приоритет се дава на изградба на косините за да можат да продолжат работите. Тврди дека работата на автопатот не е во целосен застој, бидејќи се работи на некои недовршени позиции за кои се обезбедени пари.

Инаку, автопатот требаше да биде завршен во јануари 2019 година, но поради грешки во проектирањето рокот е продолжен до 2021 година.
 

Содржината е прочитана 77 пати.