Бизнис вести

Последна шанса за Македонија

Домашните стопанственици се неподелени во мислењето дека решавањето на спорот за името со Грција значи откочување на преговорите за членство на државава во НАТО и старт на преговорите со Европската унија, што пак, автоматски повлекува зголемена политичка и безбедносна сигурност, економска стабилност и привлекување поголем број инвеститори

вторник, 19 јуни 2018

Конечното постигнување договор за името со Грција за поголем дел од бизнисмените во Македонија значи крај на неизвесноста и почеток на ново поглавје за македонската економија. Домашните стопанственици се неподелени во мислењето дека решавањето на проблемот со Грција значи откочување на преговорите за членство на државава во НАТО и старт на преговорите со Европската унија, што, пак, автоматски повлекува зголемена политичка и безбедносна сигурност, подобра економска стабилност и привлекување поголем број инвеститори.

Македонските бизнисмени се надеваат дека овој пат шансата нема да биде пропуштена, дека проблемот со името ќе биде симнат од дневен ред еднаш за секогаш и оти економијата ќе почне да бележи позитивни ефекти. 

„Кога станува збор за потпишаниот договор помеѓу Македонија и Грција, може отворено да констатираме дека со тој чин се создаваат реални перспективи, можности и услови за заживување на македонскиот бизнис и за негово покренување од нултата точка во која сега се наоѓа, без да постојат познатите бариери коишто го кочеа растот и развојот на досегашната билатерална економска соработка“, велат од Стопанската комора на Македонија. 

Оттаму додаваат дека имајќи го во предвид фактот дека Грција, во 2017 и во првите четири месеци од 2018 година е трет македонски партнер во трговската размена со странство, со учество од 6,1 отсто во вкупниот обем на размена, тогаш широко отворените врати за интензивирање на идната соработка на сите полиња создаваат можност за позабрзан проток и зголемен обем на размена, идеи и капитал, која бизнисот ќе знае да ја искористи, а во која Стопанската комора на Македонија ќе се јави како активен чинител за остварување на бизнис-придобивките.

Од Стопанската комора на Македонија особено ја истакнуваат важноста на Солунското пристаниште и неговата местоположба, кое од економски аспект преставува стратешка дестинација за користење на бродскиот превоз на стоки и суровини за македонското стопанство, како на страната на извозот, така и на страната на увозот.


„Од гледна точка на македонската економија каде што има многу напластени проблеми, какво било поместување од мртва точка, односно откочување на застојот отвора поголеми перспективи. Проблемите можеби нема веднаш да се решат, но ќе се создаде амбиент што е многу битен за македонската економија. Со потпишување на договорот политиката испрати порака дека следува период во кој треба да се подобрат односите со Грција, што е многу сериозен сигнал за економијата да се насочи на тој пазар. Бизнисот бара предвидливост, тоа е првиот услов за бизнис и за зголемување на размената, но создава и сигурност за сегашните и идните потенцијални инвеститори. Реално е да се очекува дека ќе следи потпишување и на многу значајни документи што не беа потпишани досега, како што се договорите за избегнување на двојното оданочување и за заштита на инвестициите кои се многу значајни за развој на бизнисот“, велат од Стопанската мора на Македонија.

И вицепремиерот за економски прашања е оптимист дека работите ќе тргнат на подобро во односот со Грација и тоа не само на политички план. Тој завчера информираше дека Македонија и Грција ќе формираат заеднички министерски комитет кој ќе треба да ја подобри економската соработка меѓу двете држави. Притоа напомена дека во договорот за решавање на името влезе и проблемот со нафтоводот Солун – Скопје, изградбата на гасоводот што треба да и озвозможи на Македонија алтернативно решение за овој евтин енергенс, отворање нови гранични премини, за да се зголеми туристичката и трговска размена меѓу двете земји, како и поттикнување заемни инвестиции и поголема соработка на македонските и грчките компании.

„Нашите идни генерации треба да ги видат економските бенефити од договорот со Грција. Прашањето за името е од сферата на надворешната политика, но е и економско, бидејќи сите инвеститори кога доаѓаат во некоја држава прашуваат колку е таа стабилна и дали во неа има владеење на правото“, рече Анѓушев.

Претседателот на Советот на странски инвеститори на Стопанската комора на Македонија, Штефан Петер е убеден дека потпишаниот договор ќе има огромно влијание врз бизнисот.

„На граѓаните нема веднаш да им биде јасно што значат настаните од минатиот викенд, но има време пред нас во кое ќе им овозможиме да разберат. Јас сум европски бизнисмен и јасни ми се придобивките од тоа што Македонија ќе биде интегрирана во ЕУ. Минатиот викенд се покажа дека Македонија не е остров и дека е во интеракција со своите соседи. Истото важи и за странските инвеститори во Македонија, тие не се остров, тие се интегрираат себе си во македонското општество“, рече Петер, нарекувајќи го Договорот прва цигла од куќата наречена Европска унија.

Најголем дел од стопанствениците не го кријат оптимизмот. Свесни дека Македонија нема да може долго да издржи на економски план доколку некои работи не тргнат од мртвата точка, македонските бизнисмени очекуваат најодговорните луѓе во државата да го искористат овој политички момент и да го трасираат патот за непречен развој на државата и целото внимание да и се посвети на економијата.

Дека членството во НАТО е клучно за инвестициите во Македонија, бизнисот го поткрепува со примерот со Албанија, каде откако стана рамноправна членка на Алијансата, неколкукратно се зголемија сранските инвестиции, што придонесе за голем и забрзан развој на државата.

А, влезот на странски инвеститори ќе донесе многу придобивки за македонските компании. Тие, пред се, ќе се поврзат со нив, ќе им ги пласираат своите производи и услуги, ќе ја зголемат продуктивноста, ќе имаат можност да го развијат и прошират бизнисот, да ги зголемат инвестициите и да инвестираат во нови капацитети и прозводи. Истовремено ќе добијат шанса за заеднички настапи на трети пазари, но и можност за самостојно пробивање и освојување на нови пазари.

Оттаму, ставот на бизнисмените е дека Владата мора добро, но, пред се, паметно да го „повлече“ последниот потег и партијата да ја заврши со победа за да не се случи, токму на крајот се да отиде во неповрат и целиот процес да се врати на почеток, што Македонија повторно ќе ја позиционира на дното на листата држави во Европа како во економска, така и во политичка, безбедносна и секаква друга смисла.


 

Содржината е прочитана 132 пати.