Инфо

Прилепска Пиварница ќе донира 500.000 денари за дневните центри за аутизам во Скопје и во Штип

Донацијата е наменета за потребите на овие центри за набавка на најразлични реквизити потребни за нормален развој и живот на децата, како и за набавка на специјално возило наменето за Центарот во Штип

вторник, 19 јуни 2018

Прилепска Пиварница потпиша договор за донација на 500.000 денари финансиска помош за Дневниот центар за аутизам во Скопје и за Дневниот центар за аутизам во Штип, кои се единствени центри од ваков вид во државата. Средствата се издвојуваат од Фондот за донации на Прилепска Пиварница.

Донацијата ќе биде наменета за потребите на овие центри за набавка на најразлични реквизити потребни за нормален развој и живот на децата, како и за набавка на специјално возило наменето за Центарот во Штип.

„Со цел да помогнеме и да ја искажеме искрената грижа и поддршка за децата со аутизам, тие да ги добијат потребните услови за нормален раст и развој, ние, од Прилепска Пиварница одлучивме средствата од Фондот за донации да ги насочиме токму за нив. Силно веруваме дека ваквите иницијативи нема да останат изолирани случаи во земјата, туку ќе претставуваат позитивен пример за следење и од другите компании, да придонесеме за инклузија на сите жители во општеството. Оваа донација ја надополнува кампањата на нашиот бренд Златен Даб, насловена како ’Без предрасуди, без етикети’, која повикува на меѓусебна толеранција, прифаќање на различностите и ослободување од предрасудите“, велат од Прилепска Пиварница.
 

Содржината е прочитана 32 пати.