Бизнис вести

Компаниите кои лани имале нови инвестиции, или нови вработувања, може да аплицираат за државна парична помош

Сите компании што работат во рамки на слободните економски зони до крајот на овој месец ќе може да аплицираат за поврат на средствата за инвестиции и за нововработени во Дирекцијата за слободни економски зони. Компаниите, пак што се надвор од зоните, исто така до 30 јуни ќе може да аплицираат во Агенцијата за странски инвестиции и промоција на конкурентноста

понеделник, 18 јуни 2018

Стартуваше примената на мерките шо произлегуваат од Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Од денеска компаниите кои лани направиле нови инвестиции или имаат нови вработени со плата над 18.000 денари ќе може да аплицираат за државна парична помош.

Како што рече вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев сите компании што работат во рамки на слободните економски зони до крајот на овој месец ќе може да аплицираат за поврат на средствата за инвестиции и за нововработени во Дирекцијата за слободни економски зони. Компаниите, пак што се надвор од зоните, исто така до 30 јуни ќе може да аплицираат во Агенцијата за странски инвестиции и промоција на конкурентноста.

„Ги повикувам сите компаниии од Република Македонија кои имаат реализирано нови инвестиции и имаат вработено нови луѓе во текот на 2017 година, до крајот на јуни да аплицираат за финансиска поддршка од страна на Владата. Постапката за аплицирање е едноставна и освен барањето, кое е достапно на веб-страниците на владините институции, потребно е да се достават и други документи што компаниите ги имаат во секој момент. Апликациите ќе се оценуваат до 31 јули, а веќе во текот на август и септември треба да се потпишат договорите. Исплатата би била во септември“, рече Анушев и потенцираше дека средствата во буџетот се обезбедени.

Владата очекува со овие мерки да ги стимулира компаниите уште похрабро да инвестираат и да вработуваат. Анѓушев додаде дека реализацијата на мерките од третиот столб, каде се дава директна помош на малите и средните претпријатија, е веќе започната, а пристигнати се над 200 апликации од компании кои побаруваат над 30 милиони евра.

Од Владата сметаат дека Законот и мерките се најтранспарентниот начин за доделување државна поддршка на компаниите и за економски раст и развој на државата.

„Процесот за реформа на системот за државна поддршка на компаниите е заокружен на транспарентен начин преку јавни дебати и дискусии и во соработка со стопанските комори и компаниите. До крајот на оваа година ќе овозможиме финансиска поддршка за сите компании што направиле инвестиции во 2017 година, имајќи ги превид мерките од трите столба на Планот за економски раст“, рече министерот за економија, Крешник Бектеши.

Тој појасни дека, освен стандардизиран формулар/барање, компаниите до надлежните институции треба да достават и писмо со намери, деловен план за инвестициски проект, тековна состојба за деловниот субјект, издадена од Централниот регистар, потврда од Централен регистар дека над деловниот субјект не е отворена стечајна или постапка за ликвидација, потврда од Царинската управа дека деловниот субјект нема неплатен долг по основ на царина и други увозни давачки, уверение од УЈП дека нема настанати и ненамирени даночни обврски, годишни сметки со финансиски извештаи и консолидирани годишни сметки и консолидирани финансиски извештаи за последните четири години или за пократок период во зависност од датумот на кој деловниот субјект е основан или започнал со дејност, како и потврда од надлежен орган на странска држава за пријавено живеалиште или привремен престој за државјани на Република Македонија, кое се однесува за инвеститори од дијаспората.

Анѓушев рече дека е направен и калкулатор за инвестициите, односно, алатка преку која компаниите може да пресметаат колку помош ќе добијат за одредена инвестиција и таа да им биде патоказ каква помош да побараат.

 

Содржината е прочитана 69 пати.