Инфо

Владата ќе преговара со „Хеленик Петролеум“ за гасоводот кон Грција

Вицепремиерот Кочо Анѓушев рече дека „Хеленик Петроелум“ иницира средба која Владата со задоволство ќе ја прифати и дека активностите за гасоводот ќе почнат и конкретно да се реализираат во втората половина на 2019 година

понеделник, 18 јуни 2018

„Хеленик Петролеум“ иницира, а Владата со задоволство ќе прифати средба и ќе преговара за нафтоводот, рече денеска вицепремиерот Кочо Анѓушев.

На прес-конференција во Владата, Анѓушев одговарајќи на новинарски прашања соопшти дека преговорите не се почнати, но оти ќе почнат и за тоа јавноста ќе биде информирана.

„’Хеленик Петроелум’ иницира средба со Владата која ние со задоволство ќе ја прифатиме. Нема да бегаме од никаков разговор, ниту од проблемите кои се наследени, мора да ги прифатиме и да ги решаваме“, подвлече вицепремиерот.

Во врска со гасоводот кон Грција информира дека најверојатно активностите ќе почнат и конкретно да се реализираат во втората половина на 2019 година. Веќе постои меморандум за разбирање и тој, како што нагласи Анѓушев, треба да почне да се реализира.

„Меѓународните институции се заинтересирани за финансирање на овој гасовод. Неговата изградба ќе значи конкурентност на снабдувањето со гас, но и можност Македонија да стане транзитна земја. Следната година очекуваме реализација. Сега ќе се прави основниот проект, по што ќе следува и тендер“, информира вицепремиерот Кочо Анѓушев на денешната прес-конференција во Владата.

Преземено од МИА
 

Содржината е прочитана 57 пати.