Инфо

Град Скопје ќе го скрати буџетот за повеќе од 400.000 евра

Најголеми промени ќе има во Секторот за комунални работи каде е предвидено зголемување на средствата за 67,150 милиони денари, додека најмногу ќе се крати во Секторот за сообраќај, каде е предвидено намалување за 104,850 милиони денари

четврток, 14 јуни 2018

Град Скопје го подготви ребалансот на градскиот буџет со кој се предвидува градската каса, до крсјот на годината, да биде покуса за нешто повеќе од 400.000 евра. Предлогот за изменување на Буџетот на Град Скопје за 2018 година со кој е предвидена рационализација на трошењето на буџетските средства, ќе биде разгледуван на седницата на Советот што ќе се одржи на 20 јуни оваа година.

Од Градот информираат дека Буџетот на Скопје за 2018 година ќе биде намален за 27 милиони денари, што значи, наместо предвидените 4.254.000.000, со овој ребаланс се планира да се потрошат 4.227.000.000 денари. Најголеми промени ќе има во Секторот за комунални работи каде е предвидено зголемување на средствата за 67,150 милиони денари, додека најмногу ќе се крати во Секторот за сообраќај, каде е предвидено намалување за 104,850 милиони денари.

Најмногу пари се предвидени за реконструкција и подигнување јавно зеленило, каде се предвидени дополнителни 40 милиони денари, додека плус 5 милиони денари ќе има за расчистување на дивите депонии.

Во делот на капитални расходи од областа на урбанизмот предвидени се средства кои претходно не беа предвидени, а се однесуваат на изградба на ул. „Ленинова“, реконструкција на бул. „Никола Карев“, изградба на ул. „Боца Иванова“, изградба, одржување и реконструкција на улиците „Брадфордска“, „Македонско косовска бригада“, „Андон Димитров“ („Жарко Зрењанин“), „Живко Фирфов“, како и за изградба, реконструкција и одржување на мали плоштади.

Намалувања ќе има и во секторите: планирање и уредување на просторот (намалување од 17,39 милиони денари), јавни дејности (10,36 милиони денари) и локален економски развој, но затоа, пак, дополнителни 15.5 милиони денари се предвидени за основачки влог за новото АД за енергетски дејности со кое скопјани треба да добијат евтино приклучување на системот на топлинска енергија, како и започнување на процесот на гасификација на Скопје.
 

Содржината е прочитана 50 пати.