Инфо

Почна изградбата на колектори на Вардар за собирање отпадни води

Проектот, кој треба да биде завршен во февруари 2020 година, е финансиран со средства на Европската унија во износ од над девет милиони евра и ко-финансиран од буџетот на Македонија, во висина од 15 отсто

четврток, 14 јуни 2018

Почнаа градежните работи за изградба на колектори на Вардар за собирање отпадни води.

ИПА 2 проектот „Подобрување на инфраструктурата за собирање на отпадните води во градот Скопје“ предвидува изградба на колектор на десниот брег на Вардар во должина од 3,4 километри и тоа од булевар „Србија“ до Железничкиот мост и во него ќе се слеваат отпадните води од постојната пумпна станица „Горно Лисиче“, потоа колектор на левиот брег на Вардар во должина од 4,5 километри од точката на моменталното празнење на постојната канализациска мрежа до железничката пруга, како и изградба на колектор од пумпната станица „Макошпед“ до поврзувањето со новиот главен колектор на левиот брег на Вардар.

Проектот, кој треба да биде завршен во февруари 2020 година, е финансиран со средства на Европската унија во износ од над девет милиони евра и ко-финансиран од буџетот на Македонија, во висина од 15 отсто.

„Ова е еден од проектите кој е финансиран од ЕУ и директно влијае на заштитата на животната средина и населението. Проектот предвидува изградба на 8 километри канализациска мрежа од двете страни на Вардар. Со изградбата на овој систем водите во реката Вардар ќе станат чисти. Задоволство ми е што преку фондови на ЕУ ќе се реализира еден ваков значаен проект во Скопје“, рече евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Колекторскиот систем ќе го гради француската фирма „НГЕ“ која, како што кажа амбасадорот на Франција во земјава, Кристијан Тимоние, при градежните работи ќе употреби најсовремена механизација, односно машини кои можат да вршат 6 метри длабоки ископи.

По изградбата со колекторскиот систем ќе управува Град Скопје, поточно, ЈП „Водовод и канализација“.
 

Содржината е прочитана 39 пати.