Инфо

Плаќање во кеш надвор од банка само до 2.000 евра

Измените на Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам предвидуваат сите уплати и исплати што се над таа сума да мора да поминат преку банка или штедилница

среда, 13 јуни 2018

Во иднина сите уплати и исплати ќе можат да се вршат во готово само доколку се во вредност до 2.000 евра, се што ќе биде над таа сума ќе мора да помине преку банка или штедилница. Ова го предвидуваат најновите измени на Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, што вчера добија зелено светло од Владата.

„Се забранува вршење на готовински плаќања, односно исплата, примање готови пари или размена на валута во износ од 2.000 евра или повеќе во денарска противвредност во вид на една или повеќе поврзани трансакции, што не е извршено преку банка или штедилница“, се вели со изменетиот член од Законот.

Моментално готовински плаќања можат да се вршат во вредност до 15.000 евра.

„Во насока на намалување на сивата економија, се намалува износот на забрана за вршење готовински плаќања од 15.000 на 2.000 евра. Ова е исклучиво во насока на намалување на сивата економија“, рече портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

Со новиот Закон ќе се проверува и вистинскиот сопственик на фирмите. Како што појасни Бошњаковски, ќе мора да постои податок во Централниот регистар со име и презиме кој е мнозински сопственик на некое правно лице.

„Со овие измени е предвидено правните лица или фирмите да поседуваат, чуваат и да ги впишат во регистарот вистинските сопственици. Во моментов, Централниот регистар нема обврска да впише кое лице е вистински сопственик. Со измените, Централниот регистар ќе ја добие таа обврска“, рече Бошњаковски.

Исто така, со законските измени ќе се прошири и опсегот на јавни функционери кои ќе бидат проверувани за можност за перење пари.

„Во 2014 година биле направени измени на овој Закон со кои носители на јавни функции се изземени да бидат под зајакнати контролни механизми за можност за перење пари. Ова го изменивме и сега е проширен опсегот на именувани функционери врз кои ќе бидат применети зајакнати механизми за проверка на можност за перење пари. Тоа е политичко прашање. Некој ги изземал во Македонија тие да не бидат дел од овие мониторинг работи“, рече Бошњаковски.

Измените на Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам се во насока на усогласување на одредбите од четвртата директива на Европската унија за спречување на употребата на финансискиот систем за перење пари и финансирање на тероризам од 2015 година.
 

Содржината е прочитана 74 пати.